Connect with us

Свет

Ватикан исклучи од Католичката црква шестмина ултраконзервативни бискупи кои беа ракоположени без одобрение од папата Лав

Ватикан денеска ја потврди екскомуникацијата на шестмината бискупи од Братството на Свети Пиј X, формализирајќи го „разделувањето“ на традиционалистичкото движење со Рим.

„Светите службеници кои припаѓаат на Братството на Свети Пиј X вршат чин на раскол“, а лаичките верници кои „формално се придржуваат кон него мора да се сметаат за расколници и екскомуницирани“, се наведува  во декретот на Дикастеријата за доктрината на верата.

Оваа католичка заедница, која ја основа францускиот бискуп Марсел Лефевр и има приближно 600.000 членови низ целиот свет, вчера ракоположи четири епископи во Швајцарија.

Братството на Свети Пиј X целосно ги отфрла промените во Црквата од Вториот ватикански собор (1962-1965), кои длабоко ја трансформираа оваа институција.

Неговите следбеници се придржуваат до строго толкување на доктринарната и литургиската традиција, особено на тридентинската миса, која свештеникот, свртен со грб кон конгрегацијата, ја кажува на латински.

Братството вчера повторно одржа ракополагање на бискупи, што се смета за „шизматичко“, и што доведе до првично раскинување со Ватикан во 1988 година, изразувајќи жалење што мораше да дејствува без одобрение од папата.

„Ве молам од дното на моето срце: преиспитајте ја вашата одлука!“ им пиша папата Лав XIV оваа недела, нагласувајќи дека во случај на „шизматичко дело“, Католичката црква повеќе нема да признава сакраменти, какви што се бракот или исповедта дадени од тие бискупи.

Четирите нови бискупи: француските свештеници Мишел Поанзине де Сиври и Марк Ханапиер, Американецот Михаел Голдад и Швајцарецот Паскал Шрајбер беа екскомуницирани, како и двајцата бискупи што Братството ги имаше досега, Алфонсо де Галарета и Бернар Фелај.

Дикастеријата за доктрината на верата денеска соопшти дека „свештениците и лаичките верници се предупредени да не се придржуваат до… Братството на Свети Пиј X, бидејќи би биле предмет на казна за екскомуникација“.

Како и во 1988 година, бискупите се ракоположени без доделена надлежност, што, според Братството, исклучува раскол и екскомуникација. Меѓутоа, Ватикан верува дека ракополагањето на бискупи без согласност на папата води до автоматска екскомуникација на бискупите (и ракоположени и оние што ракополагаат) и го карактеризира како „расколнички чин“.

Ad
Ad