Свет
Русија најави зголемување на притисокот врз Украина
Русија, по синоќешниот напад врз Киев, при што загинаа 17 луѓе, а 90 се повредени, најави дека ќе го засили притисокот врз Украина.
Украина тврди дека Русија истрелала 74 ракети и 496 дронови врз Киев, при што е оштетена цивилна инфраструктура, а голем број станбени згради се уништени.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков наведе дека нападот бил насочен само врз „воени или квазивоени цели“.
Тој посочи и дека началникот на Генералштабот на руската армија, генерал Валериј Герасимов го информирал претседателот Владимир Путин за резултатите од „масивниот контранапад“ врз Киев и други локации.
Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека синоќешниот напад е одговор на украинските напади врз цивилни цели во Русија.
– Како одговор на украинските терористички напади врз цивилни објекти на руска територија, вооружените сили на Руската Федерација извршија масовен удар користејќи прецизно оружје со долг дострел од копно и море, како и дронови за напад, се истакнува во соопштението на руското МО.
Во петтата година од војната, Русија ги засили нападите со ракети и беспилотни летала, особено врз Киев, додека Украина ги интензивираше нападите со беспилотни летала врз енергетскиот сектор на Русија, предизвикувајќи голема штета и недостиг на гориво.
јули 3, 2026


