Култура
Гран при за претставата „Ана“ на фестивалот „Златен лав“ во Умаг
Претставата „Ана“, во режија на Нина Николиќ, во продукција на Театар „Комедија“ и „Перипетија продукција“, освои гран при – највисокото признание на 27. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Златен лав“ во Умаг. На овој фестивал актерката Маја Љутков беше наградена за главна женска улога за интерпретацијата на ликот на Ана.
Во образложението на жирито за актерската награда се истакнува дека Љутков „една од најтешките улоги од класичната литература, Толстоевата Ана Каренина, ја изнесе суверено, модерно и длабоко промислено“ пренесувајќи лик кој лесно комуницира со современата публика. Според жирито, актерката со уверлив израз го прикажува патот од силна, но несреќна жена, до личност што губи сè поради љубовта отворајќи прашања за слободата и цената што се плаќа за изборите.
За гран при наградата, жирито оцени дека станува збор за „силна и потресна драма, која остава длабок емоционален впечаток и го поставува прашањето во каков свет живееме“. Современата адаптација на класиката „Ана Каренина“ ги поврзува темите на семејни односи и општествени притисоци со денешниот дигитален контекст, каде што репутацијата, како и во минатото, останува клучна, но се гради преку социјалните мрежи и инфлуенсерската култура.
Претставата се базира на оригинален текст на Драгана Лукан-Николоски, а режисерката Нина Николиќ, според жирито, суптилно ги води актерите кон трагичниот развој на приказната создавајќи внимателно осмислен сценски простор, кој ѝ овозможува на публиката непосредно да ја доживее приказната.
По успешното претставување во Умаг, следната фестивалска изведба на „Ана“ е закажана на Меѓународниот фестивал на камерна драма „Ристо Шишков“ во Струмица. Претставата ќе биде дел и од редовниот репертоар на Театар „Комедија“, а следната изведба е најавена за 23 септември 2026 година.
јули 1, 2026

