Connect with us

Свет

Рубио: Договорот отвора пат за разоружување на Хезболах; движењето предупреди на ризик од граѓанска војна

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека рамковниот договор постигнат меѓу Израел и Либан воспоставува „јасна процедура за обновување на суверенитетот на Либан, разоружување на Хезболах и демонтирање на неговата инфраструктура“, јави ДПА.

Според Рубио, договорот ќе му овозможи на Израел да се врати на своите граници веднаш штом ќе биде отстранета заканата за неговите граѓани, а предвидува и формирање трипартитна група за воена координација за Либан, со поддршка од САД.

Тој оцени дека договорот претставува „прв чекор“ кон воспоставување мир меѓу Израел и Либан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави договорот, оценувајќи дека претставува „сериозен удар“ за Иран и дека му овозможува на Израел да остане во „безбедносната зона“ што ја воспостави во јужен Либан.

Според официјални претставници, договорот се темели на два пилот-проекта за постепено пренесување на контролата врз одредени области што сега ги контролира Израел на либанската армија.

Американски сили ќе проверуваат дали Хезболах повеќе не е активен во тие подрачја, објави „Аксиос“, повикувајќи се на американски и израелски извори.

Либанските власти соопштија дека првичните мерки претставуваат чекор кон постепено и целосно повлекување на израелските сили од либанската територија.

Хезболах, кој не учествуваше во преговорите, вчера соопшти дека не се смета за обврзан со рамковниот договор.

Пратеникот на движењето Хасан Фадлала остро го критикуваше договорот во интервју за либанската телевизија „Ал Мајадин“.

Тој изјави дека Хезболах ќе се спротивстави на сите владини мерки што произлегуваат од договорот, ќе го задржи своето оружје и ќе се спротивстави на секој обид за негова примена.

– Нашето противење е сериозно и нема да им дозволиме на властите да ги исполнат своите обврски на терен – рече Фадлала.

Тој предупреди дека спроведувањето на договорот може да доведе до „граѓанска војна“.

Договорот беше потпишан само неколку часа по новите израелски напади врз припадници на Хезболах во јужен Либан, што дополнително ги зголеми стравувањата дека преговорите би можеле да пропаднат.

Примирјето меѓу Израел и Хезболах е во сила од 19 јуни и во најголем дел се почитува, но и натаму постојат сериозни несогласувања околу иднината на јужен Либан.

Лидерот на Хезболах, Наим Касем, изјави дека Израел мора безусловно да се повлече од Либан.

Состојбата во Либан останува тесно поврзана со пошироките дипломатски односи меѓу САД и Иран.

Ad
Ad