Забава
Австралиец е најгласен маж во светот – „моќен“ е колку еден млазен авион
Џозеф Мекгрејл-Бејтап, австралиски професионален сервисер за клима-уреди и почесен градски гласник, официјално е прогласен за најгласниот човек во светот.
Гинисовата книга на рекорди минатата недела го призна звукот на 58-годишниот жител на Канбера како најгласниот збор што некогаш го изговорил човек. Извикот на Мекгрејл-Бејтап е снимен на 2 мај во радиостудио во главниот град на Австралија, со професионален тонски инженер и присутни сведоци. Снимките беа испратени до „Гинис“ и нејзиното уредништво, кое официјално го потврди рекордот во петокот. Тој го извикал зборот „Сега (now)!“ со јачина од 122,4 децибели, објави „Еј-би-си (ABC)”.
Со тоа тој ја надмина наставничката од Северна Ирска, Аналиса Фланаган, која во 1994 година го извикала зборот „Тишина!“ со 121,7 децибели.
Тоа е гласност споредлива со моторна пила, сирена на брза помош или млазен авион којшто полетува. Мекгрејл-Бејтап изјави дека не може да тренирате за ваков рекорд.
– Нема шанси навистина да извежбате нешто вакво. Мора да го сочувате гласот за денот на обидот, особено кога бркате светски рекорд… Ми требаа седум обиди за само еден збор. Тоа беше „Сега!“. Гласот ми беше целосно уништен следните неколку дена. Бев рапав, беше ужасно. Значи, не можете навистина да тренирате за тоа, но е многу забавно додека го правите тоа, рече Мекгрејл-Бејтап.
Но, рекордот за најмоќен крик, се чини, сѐ уште го држи Англичанката Џил Дрејк која во 2000 година испушти вресок моќен 129,2 децибели.
Натпреварувачка желба кај Мекгрејл-Бејтап да биде што е можно погласен се појави откако беше назначен за официјален градски гласник на Канбера, во 2017 година. Тоа е почесна позиција со скратено работно време основана од локалната самоуправа, којашто тој ја опишува како „добра забава“. Неговото име на гласник е Лорд Џозеф. Неговата работа вклучува службено објавување настани во градот, училишни настани и изложби на автомобили.
Со позицијата дојде и членство во Древното и почитувано друштво на австралиските градски гласници, професионално здружение што ја зачувува историско-свечената улога на своите членови преку натпревари. Тој го освои натпреварот на здружението за 2024 година благодарение на најгласниот извик „Оје, оје, оје“ со 98 децибели. Тоа е традиционален повик за „тишина и внимание“ што градските гласници го користат пред да ги соопштат важни објави.
Ова не е првпат Мекгрејл-Бејтап да сруши светски рекорд. Во 2019 година, тој беше светски најбрз во стрелање со лак и стрела, испукувајќи 10 стрели за 60,03 секунди, соборувајќи го рекордот од 2015 година за дел од секундата. Сепак, само девет месеци подоцна, неговиот рекорд го сруши седумгодишно момче, кое беше 11,4 секунди побрзо. Мекгрејл-Бејтап вели дека „не е заинтересиран за нов рекорд во стрелаштво“, бидејќи „рекордите постојат за да бидат соборени“, па не е многу загрижен ниту за зачувување на својот сегашен рекорд во гласност.
јуни 26, 2026


