Свет
Средба на Путин и Шји Џјинпинг на маргините на самитот на ШОС
Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Шји Џјинпинг, денеска се сретнаа на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) кој се одржува во Бишкек.
Путин истакна дека соработката меѓу Русија и Кина успешно се развива во сите области, пренесува РИА Новости. Според него, Москва е подготвена да соработува со Пекинг за безвизниот режим да стане траен, доколку Кина тоа го смета за корисно.
Рускиот лидер претходно денеска допатува во Киргистан, додека Шји во Бишкек пристигна вчера.
Во руската делегација се и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, потпретседателот на владата Алексеј Оверчук, заменикот-шеф на администрацијата на претседателот Максим Орешкин, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков и помошникот на претседателот на Русија Јуриј Ушаков. Во делегацијата се и министерот за економски развој Максим Решетников, министерот за енергетика Сергеј Цивилев, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев и директорот на „Росатом“ Алексеј Лихачов.
Денешната средба во Бишкек е втор директен состанок на Путин и Шји Џјинпинг оваа година. Претходно двајцата лидери се сретнаа во Пекинг за време на официјалната посета на Путин на Кина.
Дводневниот, 26-ти по ред, самит на ШОС се одржува денеска и утре во Бишкек.
септември 1, 2026
