Општини
Во Тетово почнаа археолошките ископувања на темели за повторно да се изгради Саат-кула од Османлиско време
Во Тетово градоначалникот Биљал Касами, министерот за култура Седат Сулејмани и директорот на Националниот центар за конзервација Александар Јорданоски го означија почетокот на работите за изградба на Саат-кулата. Почнати се ископувања со цел да се откријат темелите на овој објект кој бил изграден во време на Отоманската империја
– Го направивме првиот чекор кон реализацијата на дело што ќе му даде нов лик на овој дел од Тетово, без да му го одземе неговиот стар дух. Градовите не се градат само со улици и објекти. Тие се зачувуваат и преку сеќавањата, симболите и почитта кон историјата. Саат-кулата ќе биде мост меѓу некогашно Тетово и Тетово што го градиме денес. Веќе е обезбедена сериозна донација од турската општина Коња, која обезбеди финансирање околу 200.000 евра. Но, сигурно сега и со подготовка на основниот проект од Конзерваторскиот центар, ќе се знае целосната финансиска конструкција, изјави Биљал Касами.
Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, рече дека како активист бил вклучен во иницирање на изградба на Кулата од 2006 година.
– Сега во 2026-та година јас сум оптимист, сме ги споиле Општина Коња и Општина Тетово, тогаш во советот на Општина Коња, помина и буџетот за да се реализира овој проект, но немаше заинтересираност, така да јас денес како министер за култура и туризам, градоначалникот, директорот, сите заедно се вклопија сите работи за да овој проект биде реализира и се надевам за кратко време ќе се реализира, рече Сулејмани.
Директорот Националниот центар за конзервација Александар Јордановски истакна дека се направени историски истражувања со податоците што се земаат од описните турските тефтери со цел да се открие оригиналниот лик на Кулата. Тој покажа фотографија на која Кулата во средишниот дел е со мермер, а во долниот дел има прозорско окно.
– Како директор побарав дополнителни историски истражувања, за изгледот на Саат кулата, го ангажирав вашиот сограѓанин Бранислав Светозаревиќ кој е советник во Општина Тетово, но и историчар од Државниот архив на Македонија, и дојдовме до нови податоци, за изгледот на Саат кулата, направивме една слика која ја поставува вештачката интелигенција врз основа на најдени податоци, рече Јордановски.
Тој образложи дека се работи за сложен зафат во археолошка смисла, затоа што се наоѓа во урбана зона.
– Се наоѓаат кабли високо напонски за струја, водоводна, канализациска мрежа, така што деновиве ќе заврши првото ископување, она што е во рамките на нашите надлежности, на Националниот центар за конзервација, понатаму следуваат активности на стручните служби на ЕВН, на Јавното претпријатие за комунални услуги од Тетово, да ги решат проблемите инфраструктурни за да можеме ние да продолжиме со заштитните археолошки ископувања, рече Јордановски.
Според податоците до кои дошле првата градба како кула датира меѓу 1566 и 1567 година, а се смета дека Реџеп паша, ја обновува 1822 година која постои се до почетокот на 20 век кога е срушена. Нема податоци кога е поставен саатен механизам.
јули 17, 2026

