Живот
Откриен изгубен град кај Александрија – со гробници стари 1.600 години и христијански симболи
Археолозите открија долго заборавен град стар 1.600 години близу Александрија во Египет. Меѓу наодите се стражарски кули, христијански храм и голем број христијански артефакти и симболи, соопшти тамошното Министерство за туризам и антиквитети.
Надлежните лица известуваат дека скриениот град нуди уникатен поглед во секојдневниот живот на луѓето пред векови. Прилично добро зачуваниот град од источноримската ера и 18 древни гробници во близина на Александрија беше објавено на почетокот на јули од страна на Египетскиот туристички одбор, потсетува „Њујорк пост“. Според наодите тогаш, откриени беа седум гробници на варовничка површина на археолошкото наоѓалиште Марина ел-Аламеин, и тие се ископани околу 100 километри западно од средоземноморскиот град Александрија во Египет. Градот некогаш бил дел од Римската Империја и Византија, соопшти Министерството.
Истражувачите, исто така, пронајдоа силно утврдена структура со дебели одбранбени ѕидови, како и куќи за прием и засводени покриви, се додава. Со новооткриените 18 гробници, вкупниот број на ова наоѓалиште достигна 48 гробници. Наодите се испитуваат, нагласија египетските власти.
Туризмот е еден од главните извори на заработка Египет. Властите се надеваат дека ваквите археолошки откритија ќе поттикнуваат поголем број посетители.
– Изгубениот град бил изграден на редовна улична мрежа што вклучувала сообраќајници од север кон југ што се пресекуваат со правци исток – запад, изјави Хишам ел-Леити, генерален секретар на Врховниот совет за антиквитети.
Црква од четвртиот век доминира на главните улици на градот, додека стражарските кули се наоѓаат на крајот од станбените улици – веројатно, поради безбедносни причини. Оазата Дахла, што се наоѓа во западен Египет, скоро сигурно, ќе биде додадена на списокот на светското наследство, откако веќе се најде на прелиминарниот список на УНЕСКО.
Откриени се натписи на латински како и големи количини златни монети од времето на римскиот император Констанциј II (владеел од 337 до 361 година).
Во градот се најдени и околу 200 фрагменти од керамика, познати и како остраки, што, веројатно се користеле како материјал за пишување, бидејќи пронајдените фрагменти содржат писанија од договори и други аспекти од животот во тоа време. Во близина на саркофагот е пронајдена и гипсана статуа на сфинга.
јули 15, 2026


