Connect with us

Општини

Реконструирана улицата „Штипска“ во Тетово со заедничка инвестиција на Владата и Општината

Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски со сечење на црвена лента означија крај на градежните работи за реконструкција на улицата „Штипска“ во градот. Реконструкцијата на улицата „Штипска“ е направена на потегот од крстосницата со улица „Браќа Миладиновци“ кај затворот па се до муслиманските гробишта.

– Со оваа заедничка инвестиција со Владата продолжуваме да инвестираме во подобра патна инфраструктура во градот. Изведена е целосна реконструкција со подземна инфраструктура на должина на улицата од 680 метри, просечна ширина на улицата од 5,50 метри, изградба на атмосферска канализација во должина од 370 метри, нивелирање на шахти, поставување на рабници, изградба на тротоари, поставување на подземна инфраструктура од страна на кабелските оператори, јавно осветлување. Вкупна вредност од речиси 300 илјади евра од кои кофинансирање на Општина Тетово е во износ од над два милиони денари, рече Касами.

Министерот Николоски истакна дека улицата „Штипска“ е дел од проектот што се работел заедно со општината со поддршка на Светска Банка. Посочи дека во Тетово се инвестирани преку 430 милиони денари и дека Општината доживува инфраструктурен развој.

– Јас пешки ја поминав улицата и навистина можам да кажам дека една од подобро сработените улици коишто сум ги видел каде било во државата. Сакам да честитам на градоначалникот. Навистина прави одлична, одлична работа, а Тетово доживува инфраструктурен бум и тоа е за секоја поддршка и за секоја поздравување. Општина Тетово само преку програмите коишто одат преку Министерството за транспорт, досега има реализирано или реализира проекти во вредност од 428 милиони денари што навистина е една исклучително добра сума за реализација на инфраструктурни проекти, рече Николоски.

Ad
Ad