Општини
„Безбеден град“ се воведува и во Дебар
Системот „Безбеден град“ (Safe City) се воведува и на подрачјето на Дебар со цел да ја подобри контролата на сообраќајот, да ги намали незгодите и да ја зголеми безбедноста на патиштата преку поставување безбедносни камери и контрола на брзината.
– Моментно во Дебар се поставуваат сообраќајни камери од системот „Безбеден град“, кои набргу ќе бидат во фаза на техничко тестирање, а прекршоците сè уште не се санкционираат. Камерите и дел од опремата се поставуваат на повеќе локации, на кружниот тек во близина на општинската зграда, на крајот од булеварот Илирија, на патот кон Струга, како и на локации на кои фрекфенцијата е поголема – информира за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи – Охрид.
Додаде дека до целосното активирање на системот сообраќајната полиција продолжува со засилени контроли со мобилни електронски камери, со цел поголема безбедност и помал број сообраќајни незгоди.
– Системот ќе придонесе кон намалување на брзото возење, опасното престигнување и непрописното паркирање, особено во периодот на зголемен туристички сообраќај. Целта на „Безбеден град“ е намалување на сообраќајните прекршоци и незгоди, како и зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот – нагласи Димоски упатувајќи апел до сите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
јули 11, 2026

