Connect with us

Свет

Данска повторно ја отфрли желбата на Трамп за американска контрола врз Гренланд

Данска е подготвена да го брани секој сантиметар од територијата на НАТО, вклучително и Кралството Данска, изјави данската премиерка Мете Фредериксен денеска во Анкара, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека Гренланд треба да биде под контрола на САД.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, исто така, ги отфрли забелешките на Трамп.

Тврдењата на Трамп дека САД треба да го анектираат или контролираат Гренланд, полуавтономна данска територија, ги затегнаа односите меѓу Вашингтон и Копенхаген – и двата членки на НАТО – и пошироко, врските на САД со Европа.

Прашањето во моментов е предмет на преговори.

– Подготвени сме да го браниме секој сантиметар од НАТО, вклучително и нашата сопствена територија … Секако дека ќе го браниме Кралството Данска – рече Фредериксен, повторувајќи дека Гренланд не е на продажба.

– Една од причините зошто го создадовме НАТО пред многу, многу години е тоа што ако нешто му се случи на некого од нас, тогаш сите мора да се залагаме едни за други – нагласи таа.

Нилсен се огласи на Фејсбук за да го отфрли најновото тврдење на Трамп, пишувајќи: „Повторените повици за преземање или контрола на нашата земја не менуваат ништо“. Тој, исто така, повтори дека Гренланд не е на продажба.

Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, им изјави на новинарите во Анкара дека Данска сè уште е во дипломатски разговори со Гренланд и САД. Исходот од тие разговори сè уште не е објавен.

– Имаме договор со американската администрација дека во рамките на црвените линии на кралството ќе се обидеме да видиме дали можеме да најдеме решение кое ги задоволува и легитимните безбедносни интереси на САД – рече Расмусен.

– Бидејќи тие интереси постојат, ние ги споделуваме и одговараме на нив – додаде тој.

Расмусен рече дека „цврсто верува“ оти е можно да се постигне договор што ги задоволува Гренланд, Данска и САД со проширување на договорот за одбрана меѓу САД и Данска од 1951 година, кој му дава на Вашингтон широк воен пристап до арктичкиот остров.

Ad
Ad