Култура
Октетот „Струмица“ и КУД „Боро Џони“ ги освоија првите награди на Меѓународен фестивал во Бугарија
На Меѓународниот фестивал „Морско коњче“ кој што се одржа во Обзор, Бугарија, Октетот „Струмица“ ја доби првата награда за пејачка група до 10 члена, а КУД „Боро Џони“ пак, ја доби првата награда за фолклорна група до 20 членови, информираа од НУЦК „Антон Панов“.
КУД „Боро Џони“ и Октетот „Струмица“, кои функционираат во рамките на ваа национална културна установа, достоинство и со уметничка посветеност ја претставија македонската музичка и фолклорна традиција на овој фестивал.
-Со темпераментната изведба на Егејскиот сплет, членовите на КУД „Боро Џони“ ја оживеаја богатата фолклорна ризница на Македонија, пренесувајќи ја енергијата, емоцијата и автентичноста на македонската игра, а посебен впечаток остави и Октетот „Струмица“, кој со изведбите на „Под кулите на Струмица“ и „Марие, дилбер, бела Марие“ ја освои публиката, носејќи ја убавината на македонската хорска песна надвор од границите на нашата земја, се наведува во информацијата од „Антон Панов“.
Инаку, денеска струмичките изведувачи и уметници беа примени од градоначалникот на Обзор, Христо Јанев.
јуни 30, 2026

