Свет
ЕУ ја засилува борбата против организираниот криминал и тероризмот
Европската комисија има намера да ја зајакне борбата против прекуграничниот организиран криминал и тероризмот преку подобрување на соработката меѓу националните власти и агенциите на Европската Унија за спроведување на законот и за правосудство.
– Криминалците многу успешно ги користат можностите што ги нуди дигиталниот простор и дејствуваат преку границите без ограничувања – изјави потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен.
Таа нагласи дека целта на реформата е да ги измени мандатите на агенциите Европол и Евроџаст за Европа да може побрзо да реагира, особено во борбата против онлајн-криминалот, поефикасно да разменува информации и поуспешно да ги изведува сторителите пред лицето на правдата.
Според Европската комисија, планираните измени треба да ги поддржат и заедничките истраги, побрзото кривично гонење и размената на податоци во услови кога криминалните групи сè повеќе ја злоупотребуваат вештачката интелигенција.
Во рамките на реформата, Европол треба да добие сопствена облачна инфраструктура – заедничка дигитална мрежа за безбедно складирање податоци – што ќе им овозможи на полициските служби низ ЕУ виртуелно и од далечина да работат на заеднички случаи, како и иновациски центар за обука и за развој на потребните дигитални вештини.
Мандатот на Евроџаст, пак, треба да биде проширен за да може агенцијата да се вклучува и во нови облици на криминал, како што се сајбер-криминалот и прекршувањето на санкциите на Европската Унија.
Предлозите сега треба да бидат разгледани и усвоени од земјите членки на ЕУ и од Европскиот парламент пред да стапат во сила.
јуни 25, 2026

