Свет
Профункционира заедничката команда за специјални операции на Австрија, Словачка, Словенија, Унгарија и Хрватска
Регионалната команда на компонентата за специјални операции (Р-СОЦЦ), која е под водство на Унгарија, а во која се вклучени и Австрија, Словачка, Словенија и Хрватска, стана целосно оперативна, соопшти Прес-службата на НАТО.
– Ова претставува голема пресвртница во регионалната одбранбена соработка меѓу Австрија, Словачка, Словенија, Унгарија и Хрватска. Со ова достигнување, петте држави сега имаат целосно распоредлив мултинационален штаб способен да командува со мисии на силите за специјални операции или да поддржува операции предводени од НАТО и ЕУ, се наведува во соопштението.
Според НАТО, оваа Команда ја зајакнува способноста на земјите учеснички да реагираат брзо и ефикасно и и овозможува на секоја од нив самостојно да ги користи своите специјални сили, како и да биде подготвена да учествува во комбинирана мултинационална командна структура.
– Р-СОЦЦ го отсликува успехот на слични мултинационални иницијативи, како што е Заедничката командата на компонентата за специјални операции (Ц-СОЦЦ) создадена од Белгија, Данска и Холандија, која стана целосно оперативна во 2020 година, посочува Алијансата.
Иницијативата за формирање на Р-СОЦЦ ја дадоа министрите за одбрана на петте земји во февруари 2019 година. Во октомври истата година Словачка, Словенија, Унгарија и Хрватска потпишаа Меморандум за разбирање за формирање на Командата, кон кој во декември 2020 се приклучи и Австрија.
– Р-СОЦЦ е позитивен пример за регионалната соработка во Централна Европа и таа дава важен придонес кон подготвеноста на Алијансата, се додава во соопштението.
ноември 1, 2025

