Свет
Анджеј Поцобут и Мзија Амаглобели добитници на наградата „Сахаров“ за 2025 година

Затворените новинари Анджеј Поцобут од Белорусија и Мзија Амаглобели од Грузија се добитници на наградата „Сахаров“ за слобода на мислата за 2025 година што ја доделува Европскиот парламент.
Објавувајќи ги лауреатите на наградата за време на денешната пленарна парламентарна сесија, претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола истакна дека Поцобут и Амаглобели во моментов се во затвор во нивните земји, осудени врз основа на измислени обвиненија, само затоа што ја работат својата работа и зборуваат против неправдата.
– Нивната храброст ги направи симболи на борбата за слобода и демократија. Овој дом е со нив и со сите оние кои продолжуваат да ја бараат слобода, рече Мецола.
Таа најави дека на церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“, што ќе се одржи на 16 декември за време на декемвриското заседание на ЕП во Стразбур, ќе бидат поканети и другите двајца кандидирани за ова признание – српските студенти организатори на протестите за промоција на владеењето на правото и борбата против корупцијата во Србија и новинарите и хуманитарни работници во Палестина.
Одлуката за овогодишниот лауреат на наградата „Сахаров“ беше донесена денеска од страна на Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент, што ја сочинуваат Мецола и лидерите на пратеничките групи во ЕП.
Наградата, која вклучува и паричен надомест од 50.000 евра, е именувана по советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров и е највисокото признание на ЕУ во областа на човековите права. Таа се доделува на поединци, групи или организации како признание за нивната работа во поддршка на човековите права, слободата на изразување и демократските вредности.
Први добитници на наградата во 1988 година беа тогашниот лидер на борбата против апартхејдот и иден претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела и тогаш веќе покојниот советски дисидент, писател и борец за човекови права Анатолиј Марченко. Во изминативе децении лауреати на „Сахаров“ станаа повеќе дисиденти, политички лидери, новинари, адвокати, граѓански активисти и организации, меѓу кои и Обединетите нации и Репортери без граници.
октомври 23, 2025