Connect with us

Свет

Германскиот производител на оружје „Хеклер и Кох“ оствари рекордна добивка во првите шест месеци од годинава

Германскиот производител на оружје „Хеклер и Кох“ оствари рекордна добивка во првата половина од годината благодарение на зголемените средства за одбрана на членките на НАТО по руската инвазија на Украина, јави ДПА. Приходите во првите шест месеци достигнаа 263,9 милиони евра, што е за 47,1 процент повеќе во однос на истиот период лани, а профитот е повеќе од трипати зголемен, од 11,8 милиони евра на 40,8 милиони евра.

„Хеклер и Кох“ произведува автоматски пушки, митралези, пиштоли, полуавтоматски пушки и фрлачи на гранати.

Освен германската армија, купувачите се Франција, Норвешка и балтичките земји, кои, поради близината до Русија, се обидуваат дополнително да ги зајакнат своите одбранбени капацитети.

Вредноста на нарачките во првата половина од годината изнесуваше 260 милиони евра, нешто помалку од претходната година. Сепак, во јули, германскиот Бундесвер ја зголеми својата нарачка од 120.000 на 250.000 автоматски пушки, дополнително зголемувајќи ја вкупната вредност на нарачката.

Компанијата вработува повеќе од 1.400 луѓе, претежно во седиштето во јужна Германија, и планира да прошири помал објект за склопување пиштоли во САД.

По инвестирањето вкупно околу 100 милиони евра од 2020 до 2025 година, „Хеклер и Кох“ планира да инвестира уште 230 милиони евра во нова опрема, модернизација на инфраструктурата и поефикасни производствени процеси до крајот на 2028 година.