Connect with us

Свет

Валенса: Европа се соочува со структурална криза

Поранешниот претседател на Полска, Лех Валенса во интервју за „ЕУОбсервер“ изјави дека Европа во моментот покрај популизмот и назадување на демократијата се соочува и со структурална криза.

Според него технологијата го трансформира светот побрзо отколку што се адаптирала политиката.

– Нашето образование сè уште е подготвено за старите технологии, а не за нови. Не успеавме да се организираме на ниво што одговара на сегашниот технолошки развој на светот. Она што го имаме сега не е вистинска демократија, посочи 82-годишниот Валенса.

Според него, по падот на комунизмот, модерната цивилизација се приближува кон истата точка на пресврт што ги осуди големите цивилизации во минатото.

– Ние сме ранливи на колапс. Тоа може да ни се случи и нам, посочи добитникот на Нобеловата награда за мир во 1983 година.

Валенса посочува дека политичките партии сега се самоодржлива бирократија, а не средство за јавно претставување. Додека гласачите треба да имаат поголеми ингеренции за отповикување, а финансирањето на политичките партии да биде потранспарентно.

– Демократијата избира лоши луѓе, популисти и демагози. Секоја избрана функција треба да биде ограничена на два мандата не подолги од пет години. Со враќање на одговорноста, можно е да се врати јавната доверба. Но, ако тоа не се направи, демократијата ризикува да биде испразнета одвнатре. Не можете да изградите идеална држава на овој свет. Но, би можеле да работиме на таа идеална демократска држава, наведе Валенса.

Дојдовме до точка каде што никој не ѝ верува на друга нација. Сите стари структури од минатото, старите политички партии и старите структури на општеството, повеќе не се соодветни за времето во кое живееме … Треба да измислиме структури што можат да ги искористат најдобрите можностите на секоја земја. Европската Унија треба да се издигне над Европа, потенцира Валенса, кој беше претседател на Полска од 1990 до 1995 година, а во мај годинава Европскиот парламент го одликува со Орденот за заслуги, признавајќи ја неговата улога во демократската трансформација на Европа.