Технологија
„Гугл асистент“ оди во историјата
„Гугл“ официјално го објави почетокот на исклучувањето на „Гугл асистент“. Почнувајќи од 4 септември, компанијата постепено ќе ги префрла уредите со оперативен систем „Андроид“ – на „Џемини“, што ќе стане новиот стандарден гласовен и вештачкоинтелигентен асистент на телефоните.
Промената ќе се случи автоматски преку „Гугл плеј сервис“, без корисникот да мора да инсталира нова апликација или рачно да ги менува поставките. Сепак, за некои корисници, ова нема да биде само едноставна замена на еден асистент со друг, се вели, бидејќи постарите телефони може да имаат ограничувања.
Најголемиот предизвик е со постарите „Андроид“ уреди. Од „Гугл“ велат дека телефоните што немаат доволно РАМ-меморија можеби нема да можат да ја користат целосната верзија на „Џемини“, туку само ограничени ВИ-функции.
За разлика од „Гугл асистент“, којшто во голема мера беше заснован на однапред дефинирани команди, „Џемини“ користи голем јазичен модел способен да разбере поширок контекст и да води поприродни разговори. Таквиот пристап носи поголем број опции, но во некои ситуации може да биде побавен од класичното извршување едноставни гласовни команди.
„Гугл“, инаку, се стреми да ги обедини услугите на својата вештачка интелигенција. Преминот кон „Џемини“ е дел од таа поширока стратегија на компанијата. Одржувањето два одделни асистенти стануваше сè посложено, поради што „Гугл“ се префрла на единствена платформа што во иднина само би се развивала.
Компанијата очекува транзицијата да мине без поголеми проблеми, но искуството од претходните големи надградби покажува дека некои функции може привремено да исчезнат или да го променат начинот на работење. Ова може да биде особено забележливо кај корисниците кои преку „Гугл асистент“ контролираат паметни уреди во домот.
август 10, 2026
