Connect with us

Свет

„Американските бели дробови ја плаќаат цената“: Републиканци со остри обвинувања кон Канада

Четворица републикански членови на американскиот Конгрес ја обвинија Канада дека не презема доволно мерки за спречување на шумските пожари, поради кои густ чад повторно го загадува воздухот во северниот дел на Соединетите Американски Држави.

Во заедничко писмо до канадскиот премиер Марк Карни, конгресмените од сојузната држава Мичиген оценија дека „континуираната неактивност“ на Канада е „неприфатлива“.

Карни не одговори директно на обвинувањата, туку изјави дека и Канада и САД имаат заедничка одговорност во борбата против климатските промени.

Според Канадскиот информативен систем за шумски пожари, заклучно со денеска во земјата се активни повеќе од 890 пожари, од кои повеќето сè уште не се ставени под контрола.

Истите податоци покажуваат дека досега изгореле речиси три милиони хектари земјиште.

Густиот чад се прошири над американските држави Минесота, Мичиген, Пенсилванија, Охајо и Њујорк, поради што во голем дел од регионот беа издадени предупредувања за опасен квалитет на воздухот, а бројни настани на отворено беа откажани.

Според швајцарската платформа „IQAir“, денеска Чикаго имал најлош квалитет на воздухот во светот, пред Детроит, Вашингтон, Торонто и Њујорк.

Во писмото до канадските власти, конгресмените Џон Џејмс, Џон Муленар, Џек Бергман и Лиса Меклејн порачаа дека нивното „трпение е исцрпено“.

„Повеќе нема да прифаќаме извинувања наместо конкретни мерки“, наведуваат тие, предупредувајќи дека САД би можеле директно да се вклучат во прекуграничната заштита од пожари и во нивното гаснење доколку Канада не преземе поодлучни чекори.

Тие тврдат дека уште минатата година добиле уверувања дека проблемот ќе биде третиран како приоритет, но тоа не се случило, па, како што наведуваат, „американските бели дробови секоја година ја плаќаат цената на канадската неактивност“.

Конгресмените сметаат дека Канада не направила доволно во проретчувањето на шумите, во намалувањето на запаливата вегетација, во спроведувањето контролирани палења и во спречувањето подметнување пожари.

Експерти од Канада и од САД, кои претходно говореа за Би-Би-Си, оценија дека можностите за дополнително ограничување на пожарите се ограничени.

Одговарајќи на критиките, Карни на прес-конференција во Онтарио изјави дека „климатските промени се одговорност на сите, вклучително и на Соединетите Американски Држави“.

Тој додаде дека федералната влада е во постојана комуникација со провинциите и со локалните заедници.

Премиерот на Онтарио, Даг Форд, ги отфрли критиките за справувањето со пожарите, нагласувајќи дека повеќе од 150 противпожарни екипи се ангажирани на терен.

  • Ќе потрошиме сè што е потребно – изјави Форд.

Големата група пожари во северозападниот дел на Онтарио е главната причина за густиот чад што ги зафати Тандер Беј и Торонто, додека поретки концентрации на чад се движат над Големите Езера и над Њујорк.

Вчера, густата покривка од чад ја намали видливоста во Њујорк, вклучително и кон зградата „Емпаер стејт“ и кон Статуата на слободата.

Градските власти го продолжија спроведувањето на мерките поради топлотниот бран и ги активираа протоколите за итни случаи поврзани со квалитетот на воздухот, при што низ градот се отворени стотици центри за разладување и се делат заштитни маски „KN95“.

Пожарите во северен Онтарио принудија на евакуација десетици припадници на домородните заедници од Првите нации, а на снимките објавени во медиумите се гледа како дел од жителите ја напуштаат областа со чамци.

Поглаварката на заедницата Намајгузисагагун, Хелен Павола, за локалниот медиум „Сити њуз“ (CityNews) изјави дека воздушниот надзор покажал оти нивната населба е претворена во пепел.

Според Националната база на податоци за шумарство на Канада, околу половина од шумските пожари се предизвикани од громови, додека останатите се резултат на човечка активност. Експертите предупредуваат дека сè повисоките температури ја сушат почвата и ја прават поподложна на избувнување пожари.

Ad
Ad