Connect with us

Свет

Шикорски: За третина зголемени нападите од омраза врз Украинците во Полска

За шест месеци од оваа година, полската полиција доби 180 пријави за вербални и физички напади врз Украинците што живеат во Полска, што е за 30 проценти повеќе отколку во истиот период во 2025 година – објавија денеска полските медиуми.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи Радослав Шикорски апелира до Полјаците, а пред сè до опозицијата, да разберат дека говорот на омраза секогаш се претвора во физичко насилство.

Зголемените тензии меѓу Варшава и Киев се прелеваат и на улиците на полските градови, а особено барањата на полската опозиција, конзервативната и радикалната десница, дека Украина треба да стави вето на отворањето на кластерот и дека тој нема место во Европската Унија сè додека ја величи Украинската бунтовничка армија, чии единици убија, според полските процени, речиси 100.000 полски цивили во селата во регионот Волин.

Видео од еден постар Полјак, возач на јавен превоз во градот Бјалско-Бјала, како вербално напаѓа, турка и пцуе украински девојки, деновиве предизвика скандал на мрежите. Лавина коментари предизвика и убиството на еден Полјак во Битом, иако беше претепан до смрт од тројца Украинци од сосема лични причини, поради неговата сопруга, а не поврзани со националноста.

„За жал, зборовите оставаат последици. На почетокот е збор, потоа се отелотворува. Политичарите навистина мора да внимаваат да не ги повторуваат предрасудите и да не ја користат историјата само затоа што се борат за гласовите на некои радикални гласачи. Бидејќи подоцна има луѓе што ја сфаќаат сериозно и прибегнуваат кон насилство. Па сите го знаеме тоа од минатото“, рече Шикорски за јавниот телевизиски сервис TVP.info.

Полскиот министер предупреди дека денеска конзервативните националисти од партијата Право и Правда и радикалните националисти од Конфедерацијата се натпреваруваат кој ќе биде повеќе против Украина и Украинците затоа што се борат за гласовите на антиукраинските гласачи, а Шикорски додаде дека во Полска има антиукраински чувства.

„Како што има антисемитски гласачи, има и антиукраински гласачи. Ова е многу опасно“, рече Шикорски.

Шефот на полската дипломатија нагласи дека фактот што Полска и Украина поинаку ги толкуваат историските факти не го менува фактот дека националниот интерес на Полска е Украина успешно да се спротивстави на руската агресија.

„Геополитиката не се променила бидејќи ние го гледаме масакрот во Волин поинаку. Интересот на Полска е Украина да преживее, да ја добие војната, а Русија да претрпи пораз“, рече Шикорски.

Ad
Ad