Општини
Национален парк „Галичица“: Забележана мечка над селото Горно Коњско, апел за зголемена внимателност
Јавната установа Национален парк „Галичица“ информира дека денеска туристи забележале мечка во реонот над селото Горно Коњско.
Од Националниот парк апелираат до жителите, посетителите, планинарите и сите лица кои престојуваат или извршуваат активности во тој реон да бидат особено внимателни и да се придржуваат кон препораките за безбедно движење во природа.
Истовремено, од Национален парк „Галичица“ ги повикуваат граѓаните кои се во контакт со локалното население или со лица што престојуваат или работат во ова подрачје да ја споделат информацијата, со цел навремена претпазливост.
Појавата на мечки во охридскиот регион не е невообичаена, особено во пределите на Националниот парк, каде кафеавата мечка е дел од природниот биодиверзитет. Во изминатите години регистрирани се повеќе случаи на нивно приближување до населени места и земјоделски површини.
Во 2023 и 2024 година, жители и пчелари од подрачјето на Горно Коњско и Горица пријавија штети на пчеларници, откако мечка со младенче се приближила до населениот простор.
Претходно, во 2018 година, во близина на Љубаништа беше пронајдена мечка фатена во нелегално поставена замка во рамките на Националниот парк „Галичица“. По интервенција на надлежните служби, животното беше ослободено.
Во 2022 година беше регистриран и случај кога мечка предизвикала оштетување на заштитната ограда на одгледувалиштето за европски елен во Националниот парк „Галичица“.
Од управата на паркот повеќепати апелираат посетителите и планинарите да бидат внимателни при движење во природата, да не се приближуваат до диви животни и да не оставаат храна која може да ги привлече во близина на патеки и населени места
јули 16, 2026

