Connect with us

Свет

Во Киев се одржува петтиот Самит Украина – Југоисточна Европа

Украина денеска го одбележува Денот на државноста, а во Киев се одржува Самит Украина – Југоисточна Европа, на кој претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен ќе ги претстави новите одбранбени иницијативи.

– Ќе претставам нови иницијативи за интеграција на нашата одбранбена индустрија. За да можеме да произведуваме повеќе и побрзо, објави Лајен на платформата Икс по пристигнувањето во Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе ја одликува Лајен со Орден на Европа за нејзините „исклучителни лични заслуги за помагање на Украина во одбрана на нејзината независност и безбедност на цела Европа“.

Денешниот Самит во Киев е петти во таков формат. Привремени ограничувања на сообраќајот се во сила во центарот на Киев поради засилени безбедносни мерки.

Шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха посочи дека додека европските лидери се собираат во Киев за „зајакнување на заедничката безбедност и иднината на Европа, Русија повторно покажува за што навистина се залага: терор против цивили“.

– Ова не е случајност. Тоа е намерен обид за заплашување на Украина, нашите партнери и сите оние кои веруваат во мирот. Само денеска, најмалку тројца цивили беа убиени во руски напади во Суми и уште тројца во Одеса, додека други беа повредени таму и во други украински градови, наведе Сибиха на Икс.

Во Киев присуствуваат претседателите на Албанија, Молдавија, Романија и Србија, премиерите на Словенија и на Хрватска, првиот заменик-претседател на македонската Влада и министер за европски прашања, Беким Сали, потпретседателот на владата на Црна Гора за надворешни и европски прашања и шефицата на бугарската дипломатија.

Ad
Ad