Connect with us

Општини

Хоџа: Со ребалансот на буџетот се предвидени 1,3 милијарда денари за исплата на субвенции за земјоделците

Ве охрабрувам да го изгласате овој ребаланс на буџет, бидејќи таму се предвидуваат и плаќањата за нашите земјоделци, порача од говорницата на македонското Собрание, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа, кој денеска одговараше на пратенички прашања поставени од пратеникот Борислав Крмов од Левица.

Пратеникот Крмов праша до каде е решавањето на проблемот со откупот на млекото во Пијанечко-малешевскиот регион и како ќе се реши проблемот со увозот на млеко и млеко во прав, со што се создава вишок на млеко и не може да се откупи домашното произвоство. Хоџа во својот одговор истакна дека околу 1,3 милијарди денари се плаќања коишто ќе се реализираат веднаш по изгласување на ребаланс на буџетот и како што рече „се однесуваат и со доставеното млеко и за регистрираните говеда и за други редовни работи“.

-​ Тоа што се однесува до цените од компаниите кои што се занимаваат со откуп на млеко, да ве информирам дека пред неколку дена поранешниот министер и актуелниот министер за здравство имаа средба со млекарниците и со компаниите кои што го прават откупот на млекото и добрата вест е тоа што постигнале предлог и решение што се однесува и за продажбата и на пласманот, за продажба на млекото надвор од државата. Имаат конкретен план околу ова. Исто така, имаме и конкретен план за откупната цена која што е моментална. Имаме план за кој што ќе бидете информирани многу брзо, вели Хоџа.

​Тој истакна дека  Агенцијата за храна и ветеринарство работи во согласност со законите и при контролите, каде што има несогласување околу квалитетот или со декларација околу операторите, се преземаат мерките предвидени со закон.

Што се однесува за задоцнувањата за апликација за субвенција за сите земјоделци за 2026 година, Хоџа најави дека е направена надградба на софтверот. 

– Овој софтвер е помодерен и поунапреден и во петок е закажана обука за вработените во регионалните единици. Од понеделник ќе биде отворен системот за сите земјоделци, може да аплицираат за субвенција – вели Хоџа.

Пратеникот Крмов од Левица постави и прашање за доделување на концесиите за ловиштата и оти некои од нив се злоупотребуваат од дел од концесионерите и не се грижат за ловиштата. Хоџа одговори дека во претходниот период во областа на ловот и шумарството се преземени конкретни активности за подобрување и менаџирање на природните извори, зголемување на транспарентност, зајакнување на институционалните капацитети.

– Потпишани се нови договори за 13 региони со ловство. Инспекторатот за лов и шумарство е на терен и дејствува врз основа на сите претставки кои се доставени од граѓаните – рече Хоџа.

Ad
Ad