Connect with us

Општини

Кумановецот Матеј Спасиќ повторно ќе ја претставува Македонија на светскиот Microsoft Office Specialist натпревар

Ученикот Матеј Спасиќ од средното техничко училиште „Наце Буѓони“ од Куманово го освои првото место на националниот Microsoft Office Specialist (MOS) натпревар и ќе ја претставува Македонија на светското првенство што ќе се одржи во Анахејм, Калифорнија. 

-Очекувам силна конкуренција и можност повторно да се натпреварувам со најдобрите ученици од целиот свет. Најважно ми е да го претставам достоинствено моето училиште и Македонија, а секако ќе се обидам да постигнам што подобар резултат- изјави Спасиќ.

Ова не е негов прв настап на светската сцена. Минатата година ја претставуваше Македонија на светското првенство во Орландо, Флорида, искуство за кое вели дека му помогнало подобро да се подготви за годинашниот предизвик. Подготовките за натпреварот траеле неколку месеци, со интензивна работа на практични задачи, симулации на испити и вежбање под временски притисок.

-Континуираното вежбање, дисциплината и искуството од минатогодишното светско првенство беа пресудни за успехот. Овие натпревари многу придонесуваат за развој на практични дигитални вештини, логичко размислување, внимание на детали и брзина во работа, вели Спасиќ.

Неговиот ментор Марјан Спасиќ оценува дека успехот е резултат на долгогодишна посветена работа со талентирани ученици и истакнува дека Куманово веќе седум години учествува на MOS натпреварот, кој е во организација на Certiadria Скопје, со поддршка од Град Скопје, Општина Куманово и приватни компании. Последните пет години, кумановските ученици се меѓу најуспешните во државата.

-Да се биде во чекор со современите технологии и младите да останат конкурентни со своите врсници од целиот свет е голем предизвик. Можам да кажам дека успешно се справуваме со тоа и имаме многу талентирани ученици- изјави менторот.

Според него, учеството на меѓународни натпревари им овозможува на средношколците да ги споредат своите знаења со врсници од целиот свет, да стекнат самодоверба, искуство и меѓународни контакти, а ваквите успеси се значајни и при продолжување на образованието и градењето кариера. И ученикот и неговиот ментор очекуваат силна конкуренција, но веруваат дека со темелни подготовки Македонија повторно ќе има достоен претставник на најголемиот светски натпревар за дигитални вештини. Менторот апелира институциите и компаниите да обезбедат поголема финансиска и организациска поддршка, за повеќе талентирани ученици од земјава да добијат можност да настапуваат на вакви престижни меѓународни натпревари.

Ad
Ad