Општини
Во Кавадарци одбележани 132 години од формирањето на првиот комитет на Македонската револуционерна организација (ТМОРО)
Во Кавадарци денеска беа одбележани 132 години од формирањето на првиот комитет на Македонската револуционерна организација (ТМОРО), веднаш по Солунскиот. Бројни делегации положија цвеќе пред спомен – плочата во строгиот центар на градот.
Историски час одржа Марија Михова, кустос историчар во Музеј галеријата во Кавадарци. Таа потсети дека историјата на македонскиот народ е исполнета со буни и востанија кои имале за цел ослободување на македонскиот народ од туѓа доминација. Така биле кренати: Мариовската буна, Карпошовото востание, Разловечкото востание, Кресненското востание и други, меѓутоа сите тие завршиле безуспешно. Се увидело дека има потреба од формирање на една цврста и силна организација која ќе го сплоти и обедини македонскиот народ во борба за негово конечно ослободување.
– Тоа било причината што една група македонски интелектуалци, револуционерно определени по долги и сериозни разговори во Солун, во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов на 23 октомври 1893 година, ги удриле темелите на Македонската револуционерна организација – рече Михова.
Во првиот состав на организацијата влегле д-р Христо Татарчев, Христо Батанџиев, Антон Димитров, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов и Дамјан Груев. Статутот на Организацијата го изработиле Дамјан Груев и Петар Поп Арсов.
Михова појасни дека член на организацијата можел да биде секој, кој што е роден во Македонија без оглед на вера и народност. Една од најзначајните определби била извојување на политичка слобода по пат на револуционерна борба. Меѓутоа значајно прашање било и проширување на Организацијата.
За време на летниот распуст во средината на јули 1894 година, секретарот на Организацијата, Дамјан Груев, посетил неколку града во Источна, Централна и Западна Македонија со цел да го испита расположението на населението и да подготви услови за понатамошно ширење на Организацијата. Во редовите на Организацијата се примале само одбрани и проверени луѓе, револуционерно определени. Најнапред бил во Штип, каде му било понудено да работи како учител, но, во тој момент услови за формирање на Организација немало. Преку Радовиш и Неготино, на 15 јули, Дамјан стигнал во Кавадарци во својство на училишен инспектор. Тука ги побарал Иванче Минчев и Јованче Велков – претседател на црковно училишната општина, нему познати уште од Солунската гимназија. Од него побарал да му обезбеди луѓе со кои може да говори за училишните и црковни проблеми во Тиквешката каза. Од тука заминале во куќата на Пане Иванов, главен учител во кавадаречкото основно училиште.
– Набргу Даме се уверил дека има работа со сериозни и предани луѓе пред кои не треба да има никакви тајни. Тогаш станал и им рекол: „Другари да не седеме повеќе со скрстени раце и да чекаме како се коват нови пранги за нас. Ние во Солун формиравме организација чија што цел е извојување политичка слобода по пат на револуционерна борба“. Тогаш ги запрашал дали и тие би сакале да станат членови на таква организација. Откако добил потврден одговор, Даме го извадил преписот од статутот на организацијата и пред евангелието, револверот и камата, положиле заклетва на верност спрема Организацијата – сподели таа.
Во првиот состав на Oрганизацијата влегле Пане Иванов, кој бил избран за претседател, а за членови биле избрани: Иванче Минчев – чиновник и учител, Јованче Велков – трговец и Јанаќи Илиев Ќурчиев – трговец и кожувар. Следниот ден заминале во ваташкото училиште каде се формирал комитетот на ТМОРО во кој влегле Тодор Поп Антов, Лазо Сојтериев, Коцо Јорданов, Зарко Димов, Цандо Бојаџиев, Мишо Еленов, Трајче Дубров и Пано Поцев.
Според Правилникот на организацијата, месниот комитет се состоел од претседател, секретар, касиер и двајца членови. Во Ваташа за прв претседател на комитетот бил избран учителот Тодор Поп Антов, бидејќи имал искуство како член на Младинскиот револуционерен кружок во Солунската гимназија.
За време на својот краток престој во селото Ваташа, Даме Груев остварил и средба со Наца Пинџурова. Таа била првата жена со која Даме разговарал за прашања поврзани со револуционерната Организација.
– Со ова Кавадарци ја има таа чест да биде прв град во Македонија во кој што е формиран првиот комитет на ТМОРО после Солун, а сите останати комитети во Македонија се формирани подоцна. Во наредната 1895 година, Даме Груев бил повторно во Кавадарци и бил задоволен што Организацијата била проширена во сите, па дури и во најоддалечените места во Тиквешијата – подвлече Михова.
јули 15, 2026

