Архива
Во Белата куќа средба Трамп – ал Заиди
Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска во Белата куќа се сретна со ирачкиот премиер Али ал Заиди, при што е потврден претходно објавениот распоред за повлекување на американската армија од Ирак.
– Американската војска целосно ќе се повлече од Ирак до 30 септември, наведе ал Заиди, додека Трамп изрази уверување дека повеќе нема потреба силите да бидат на ирачка територија.
Тој додаде дека САД се подготвени да помогнат доколку на Ирак му е потребно, но не верува дека тоа ќе се случи.
САД во 2014 година создадоа меѓународна коалиција во Ирак и соседна Сирија за борба против терористичката група Исламска држава. Операцијата почна откако милициите зазедоа големи области во Ирак и во Сирија. Во Ирак беа стационирани околу 2.500 американски војници, но во јануари, американските сили целосно ја напуштија клучната база Аин ал Асад и ја предадоа контролата на ирачките безбедносни сили. По повлекувањето од Аин ал Асад, американските војници останаа во курдскиот регион Ербил, во база во близина на аеродромот во Багдад и во областа на главниот град контролирана од владата, позната како Зелена зона.
Ал Заиди е богат бизнисмен кој ја презеде премиерската функција без претходно политичко искуство. Тој дојде на власт во април, со поддршка на Трамп, во време кога САД вршеа притисок врз Багдад да ги разоружа проиранските групи обвинети за стотици напади врз американската инфраструктура во Ирак за време на војната на Блискиот Исток.
јули 15, 2026

