Свет
Мелони ја поздрави акцијата против „Ндрангета“ во која се уапсени 79 осомничени во Калабрија
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска ја поздрави полициската операција против мафијашката организација Ндрангета во Калабрија, во која беа уапсени 79 лица осомничени за изнуда, трговија со дрога и други кривични дела.
„Дирекцијата за борба против мафијата на округот Реџо Калабрија ѝ нанесе катастрофален удар на „Ндрангета“, распоредувајќи повеќе од 500 полицајци и карабинери во голема операција што доведе до апсење на 79 лица и им наштети на интересите на мафијата“, наведе Мелони на социјалната мрежа Икс.
Таа им се заблагодари на припадниците на безбедносните сили за, како што изјави, храбрата и професионална одбрана на владеењето на правото, нагласувајќи дека борбата против мафијата ќе остане еден од приоритетите на владата, објави Анса.
Во операцијата спроведена во Реџо Калабрија, уапсени се 79 лица, од кои 73 се префрлени во затвор, а шест се ставени во домашен притвор.
Акцијата била насочена кон клановите Ндрангете Де Стефано, Тегано и Кондело.
Осомничените се обвинети за мафијашко здружување, трговија со дрога, изнуда, грабеж и нелегално поседување и носење оружје.
Според полицијата, истрагата ги открила економските интереси на клановите, вклучувајќи трговија со дрога и изнуда насочена против трговци и претприемачи.
Ндрангета се смета за една од најмоќните криминални организации во Италија, со силно присуство во меѓународната трговија со дрога и мрежа што се проширила надвор од нејзината база во Калабрија.
Организацијата има филијали во Северна и Јужна Америка, Канада и Австралија.
Според проценките на експертите, криминалните активности на Ндрангета претставуваат значаен дел од италијанската економија, додека нејзините водачи, кои често се кријат во бункери, продолжуваат да управуваат со меѓународни криминални мрежи.
Европската агенција за спроведување на законот Европол ја означи Ндрангета како една од најопасните организирани криминални групи во светот поради нејзината голема финансиска и коруптивна моќ
јули 15, 2026

