Connect with us

Општини

Распределени социјалните станови во Дебар

Распределени се  47 станови во новоизградената социјална зграда во Дебар, за кои на конкурсот беа доставени 85 апликации.

– Станува збор за распределба на станови со површина од 34 до 54 квадратни метри. Согласно критериумите објавени во јавниот повик, 47 семејство ги исполнија условите за добивање на социјален стан. Корисниците на становите веќе ги добија решенијата, а официјално клучевите ќе им бидат врачени набрзо, рече за МИА, Арлинда Муладаути-Телќиу, директорка на меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар.

Додаде дека распределбата на становите, била согласно методологијата за бодирање на кандидатите и истата била спроведена на фер и транспарентен начин.

Право на учество на јавниот повик за распределба имаа деца без родители или родителска грижа, со навршени 18 години кои до исполнување на полнолетство биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, социјално загрозени лица – припадници на ромска заедница и самохрани родители со малолетни деца.

Објектот кој се наоѓа во населбата „Венец 2“ е изграден по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во државна сопственост а согласно рамковниот договор за заем склучен меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Македонија.

Ова е втора ставена зграда со социјални станови во градот. Првата беше изградена и становите распределени пред повеќе од две децении.

Ad
Ad