Connect with us

Свет

Советот на ЕУ го одобри Планот за заздравување и отпорност на Унгарија

Советот на Европската Унија денеска го одобри новиот План за заздравување и отпорност на Унгарија, со што се отвора пристапот на Будимпешта до блокираните средства во износ од 10 милијарди евра.

Средствата беа блокирани поради сериозни и систематски прекршувања на владеењето на правото за време на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан. Новата унгарска влада на премиерот Петер Маѓар поднесе изменет предлог за национален план за закрепнување и отпорност, кој беше одобрен денеска.

Унгарија има право на 10 милијарди евра од европскиот Механизам за закрепнување и отпорност, од кои 6,5 милијарди евра се во грантови и 3,5 милијарди евра во поволни кредити.

Советот на ЕУ наведе дека ревидираниот унгарски План за закрепнување и отпорност ќе обезбеди заштита на финансиските интереси на Унијата, ќе ја зајакне антикорупциската рамка на Унгарија, ќе ја зголеми транспарентноста на јавните ресурси и јавните набавки и ќе го подобри вклучувањето на засегнатите страни и социјалните партнери во законодавниот процес. Новиот план, исто така, вклучува мерки за зајакнување на независноста на судството и владеењето на правото во Унгарија.

Плаќањата од Механизмот за закрепнување и отпорност се засноваат на исполнувањето на поставените цели, што значи дека ЕК исплаќа износи на секоја земја само кога ќе ги исполнат договорените цели за завршување на реформите.

На Унгарија ѝ останува малку време за да ги добие блокираните средства. Крајниот рок до кој земјите-членки мора да ги спроведат сите реформи и инвестиции и да ги исполнат сите поставени цели и клучни етапи е 31 август, а рокот за поднесување на конечни барања за плаќање е 30 септември, додека крајниот рок за исплата е 31 декември.

Ad
Ad