Скопје
Видеонадзор за поголема безбедност во Општина Аеродром
Општина Аеродром почнува постапка за воспоставување систем за видеонадзор на детските и спортските игралишта, како и во парковите. На вчерашната седница на Советот бил усвоен предлогот за отпочнување на постапката.
Општината упатува благодарност до советниците кои ја препознале важноста на оваа мерка и дадоа поддршка за нејзината реализација.
-Секое искршено игралиште претставува загуба за сите граѓани, а најмногу за најмладите. Затоа, покрај реконструкцијата и обновата на спортските и детските игралишта, Општина Аеродром презема конкретни чекори за нивна трајна заштита. Целта е да се спречи вандализмот и да се зачува јавниот имот. Новиот систем за видеонадзор ќе придонесе за спречување на вандализмот, заштита на општинскиот имот и урбаната опрема, зачувување на парковите и игралиштата, како и поддршка на надлежните институции во откривањето сторители на казниви дела. Истовремено, ќе овозможи поголем јавен ред, повисоко ниво на безбедност и подобра заштита на јавната инфраструктура информираат од Општина Аеродром.
Од општината посочуваар дека реализацијата на проектот ќе се спроведе согласно со законските процедури, со целосно почитување на прописите за заштита на личните податоци и сите важечки стандарди.
-Безбедноста е инвестиција во иднината. Со оваа мерка, Општина Аеродром продолжува да создава побезбедни, уредени и зачувани јавни простори, во интерес на сите граѓани и на идните генерации – велат од Општина Аеродром.
јули 11, 2026

