Connect with us

Свет

Тајани: Италија повеќе нема да одговара на провокациите на Доналд Трамп

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денеска изјави дека Италија повеќе нема да одговара на провокативните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, со цел да не се поттикнуваат спорови меѓу сојузниците.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони минатиот месец го обвини Трамп дека измислил приказна, откако американскиот претседател во интервју за италијанската телевизија „Ла7“ рече дека таа на самитот на Групата седум (Г7) во Франција го „молела“ да се фотографираат заедно.

Пред состанокот на лидерите на НАТО во Анкара, Трамп ја продолжи полемиката со објава на својата социјална мрежа „Трут Соушл“, каде што сподели фотографија од Мелони како го гледа одоздола, со натпис: „Потребна е забрана за приближување“.

– Трамп зборува во свое име. Имаме претседател на САД кој сака да провоцира, особено на социјалните мрежи. Одлучивме повеќе да не одговараме на таквите изјави за да не поттикнуваме спорови меѓу сојузниците – изјави Тајани во интервју за весникот „Стампа“ (La Stampa). Тој додаде дека Италија ќе остане пријател и стратешки партнер на САД, како и на Европа.

Мелони претходно беше еден од најгласните европски сојузници на Трамп и единствениот европски лидер кој присуствуваше на неговата инаугурација во 2025 година. Меѓутоа, оваа година таа го критикуваше американскиот претседател поради неговите напади врз папата Лав XIV, откако поглаварот на Римокатоличката црква го осуди судирот со Иран. Трамп потоа возврати со обвинување дека Мелони нема доволно храброст.

Италијанскиот весник „Фољо“ (Il Foglio) денеска на насловната страница ја исмеа објавата на Трамп, објавувајќи фотографија од американскиот претседател со претседателот на Русија, Владимир Путин, со истиот натпис – „Потребна е забрана за приближување“.

Ad
Ad