Свет
Австралија и Фиџи склучија одбранбен сојуз за сузбивање на влијанието на Кина во Јужниот Пацифик
Австралија и Фиџи денеска склучија нов билатерален одбранбен сојуз, како дел од напорите на Австралија за сузбивање на кинеското влијание во Јужниот Пацифик.
Договорот за сојузот го потпишаа премиерот на Австралија, Ентони Албанезе, и премиерот на Фиџи, Ситивени Рабука. Тие потпишаа и економски договор, според кој Австралија ќе инвестира повеќе од една милијарда австралиски долари (околу 607 милиони евра) во својот островски сосед во текот на наредните десет години.
Премиерот на Фиџи, Рабука, изјави дека не очекува негативна реакција од Пекинг на новите договори.
– Не очекувам Кина да пружи каков било сериозен отпор кон која било од двете влади. И верувам дека ќе го поздрави разбирањето што постои меѓу Австралија и Фиџи. Тоа не ги загрозува односите на Фиџи со Кина, ниту пак односите на Австралија со Кина – изјави Рабука.
Кинеската војска денеска изврши проба на балистичка ракета со голем дострел, лансирајќи ја од една од своите нуклеарни подморници во Јужниот Пацифик, неколку часа по потпишувањето на договорот меѓу Австралија и Фиџи. Кина последен пат изведе ракетен тест во Пацификот пред две години, испукувајќи интерконтинентална балистичка ракета.
Агенцијата Синхуа наведе дека денешната проба била рутинска, дека е во согласност со меѓународното право и практика и оти не била насочена против некоја одредена земја. Австралија, Јапонија и Нов Зеланд го критикуваа ракетниот тест.
Австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг, која престојуваше на Фиџи поради потпишувањето на договорот, не коментираше дали Кина се обидела да испрати порака со лансирањето на ракетата на истиот ден.
– Ќе ѝ препуштам на Кина да зборува за своите намери – рече Вонг.
Таа додаде дека Пекинг однапред ја известил нејзината влада за лансирањето, а за тоа говореше пред лансирањето да биде потврдено.
– Австралија јасно стави до знаење дека овој … предложен тест се одвива во контекст на брзото воено засилување на Кина, на кое му недостасуваат транспарентност и уверување во намерите што регионот ги очекува – додаде Вонг.
Австралија се обидува да ја зацврсти својата улога како претпочитан безбедносен партнер во регионот од 2022 година, кога Кина склучи таен безбедносен договор со Соломонските Острови. Тој договор поттикна стравови од изградба на кинеска поморска база во Јужниот Пацифик, коментираат светските агенции.
Премиерот на Австралија, Албанезе, утре ќе замине за Соломонските Острови за да се сретне со тамошниот премиер Метју Вејл, откако двете земји се договорија понатаму да разговараат за безбедносниот пакт. Вејл за време на посетата на Австралија минатиот месец изјави дека неговата нова влада ќе го преиспита договорот со Пекинг.
Албанезе в среда ќе се сретне со премиерот на Папуа Нова Гвинеја, Џејмс Марапе, и со премиерот на Тонга, Фатафехи Факафануа, во австралискиот град Бризбејн. Одбранбениот договор меѓу Австралија и нејзиниот најблизок сосед Папуа Нова Гвинеја стапува на сила истиот ден.
Австралија и Вануату минатата недела го потпишаа долгоочекуваниот билатерален безбедносно-економски договор кој ја спречува Кина да изгради воена база во Вануату. Кина минатата недела изрази загриженост дека тој договор би можел да биде насочен против Пекинг.
јули 7, 2026


