Connect with us

Општини

Хоџа: По години пишување стратегии на хартија, конечно воспоставуваме регионален систем за управување со отпад во државата

Се подготвуваат тендерските постапки за изградби на современи системи за управување со отпад во Русиново и Новаци, додека за изградбата на современата фабрика за отпад во Светиниколското село Мечкуевци, која ќе биде за преработка на отпадот за 18 општини од Источниот и Североисточниот регион тендерската постапка е во завршница, истакна на денешната прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа. Тој потенцира дека после години на пишување стратегии на хартија, конечно се воспоставува регионалниот систем за управување со отпад во нашата држава.

-Тоа претставува најголема реформа во оваа област. ​Веќе е обезбедена и испорачана значајна опрема за општините низ регионите – механизација и комунална опрема. Паралелно се подготвуваат тендерите за изградба на регионалните центри во Русиново и во Новаци, додека во Свети Николе постапката е при крај. Истовремено, се подготвува и документација за изградба на трансфер станиците низ општините. ​Овој систем претставува долгорочно решение за дивите депонии и современо управување со отпадот. И целосно сум посветен за да се запази предвидената динамика на реализација-рече Хоџа.

Министерот за животна средина и просторно планирање додаде дека еден од клучните чекори во борбата со аерозагадувањето е усвојувањето на новиот Закон за контрола на индустриски емисии, со кој се воведуваат построги стандарди и поголема одговорност за индустрискиот сектор.

​-Законот стапува на сила идната година, односно септември 2027 година, а во меѓувреме интензивно работиме на создавање услови за негова навремена и ефикасна имплементација. ​За почист воздух, инвестираме во замена на нееколошките системи за греење во јавните објекти. Истовремено, ги зголемивме и инспекциските надзори врз индустријата, затоа што превенцијата секогаш е клучна мерка-вели Хоџа.

​Посочи дека започната е и подготовка на дигиталниот регистар за јавно достапни податоци за индустриските емисии, кој дополнително ќе ја зголеми транспарентноста.

-Интензивно работиме и на усогласување на законодавството со европските стандарди. Како дел од реформската агенда, Владата ги усвои подзаконските акти и Законот за климатска акција. ​Во различни фази на подготовка се и други клучни закони за заштита на природните ресурси: новиот Закон за природа, измени и дополнувања на Законот за животна средина, законите за Белчишко Блато и Студенчишко Блато. Во наредниот период, мојот главен фокус останува на регионалниот систем за отпад и на имплементацијата на дополнителните мерки за чист воздух-подвлече Хоџа.

​Тој на денешната прес-конференција информираше дека и со ребалансот на буџетот се зголемуваат средствата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти од областа на животната средина, меѓу кои и за Пречистителна станица во Скопје.

-Јас сум на функцијата последните шест месеци, но голем дел од процесите се продолжение на веќе започнатите реформи од претходниот министер, господинот Изет Меџити. ​Со тоа постигнуваме стабилност и доследност во реализацијата. Во изминатиот период обезбедивме средства и започнавме со реализација на над 300 инфраструктурни проекти од различен обем – од модерни водоводи и канализациски системи, до пречистителни станици-вели Хоџа.

Ad
Ad