Свет
Почна првиот глобален дијалог на ОН за вештачка интелигенција
Првиот глобален дијалог за управување со вештачката интелигенција свечено беше отворен денеска во Женева, а генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, истакна дека на интернетот му биле потребни дури 15 години за да достигне милијарда корисници, додека ВИ го постигнала тоа за само две години, што е показател за тоа колку таа денес го менува и го обликува светот.
– Прашањето е дали заедно ќе ја обликуваме таа трансформација или ќе дозволиме таа да нè обликува нас – порача Гутереш на отворањето на собирот во Женева.
Како што рече Гутереш, на ова прашање сега се одговара токму тука, на Глобалниот дијалог за управување со вештачката интелигенција, каде што за првпат секоја држава има свое место на масата.
Гутереш напомена дека сè повеќе луѓе им веруваат на машините и се надеваат на најдоброто. Кога станува збор за развојот на ВИ, според Гутереш, постојат неколку предупредувања, од кои првото се однесува на брзината на развојот.
– Овие системи веќе не се само алатки кои чекаат човечки упатства – тие пишуваат програмски код, дејствуваат на интернет и носат одлуки со сè помал човечки надзор – додаде тој.
Тој нагласи дека институциите што се создадени да управуваат со „машини кои извршуваат наредби“ не се подготвени за машини кои сами носат одлуки. „Некои граници, откако еднаш ќе се преминат, повеќе не можат да се вратат“, предупреди Гутереш.
Второто предупредување, додаде тој, се однесува на моќта. „Компјутерската моќ, податоците и стручниот кадар кои стојат зад најнапредните системи се концентрирани во рацете на мал број компании и мал број држави“, рече Гутереш.
Учеството на форумот го потврдија голем број официјални лица и експерти за вештачка интелигенција, меѓу кои се и премиерот на Луксембург, Лик Фриден, и претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок.
Глобалниот дијалог за управување со вештачката интелигенција почна денеска во Женева и ќе трае до 10 јули. Тој е првата светска меѓувладина платформа посветена на управувањето со вештачката интелигенција, основана од Генералното собрание на ОН.
Дијалогот е еден од клучните механизми за имплементација воспоставени во рамките на Пактот за иднината и Глобалниот дигитален договор, кои државите членки ги усвоија во септември 2024 година. Овој дијалог претставува инклузивен мултилатерален форум каде владите, меѓународните организации, академската заедница, граѓанското општество и приватниот сектор можат да разменуваат искуства, да разговараат за пристапите во управувањето и да ја засилуваат меѓународната соработка во областа на вештачката интелигенција.
јули 6, 2026


