Свет
Полициска истрага по случајот со Жизел Пелико: Откриени меѓународни мрежи на мажи кои дрогираат и силуваат жени преку онлајн групи
Си-ен-ен
Меѓународна полициска операција во седум земји откри високо организирани мрежи на сторители кои ги дрогираат и силуваат своите партнерки, додека разменуваат совети, се охрабруваат едни со други и споделуваат снимки од она што властите го опишаа како „грозоморни“ злосторства преку затворени онлајн групи.
Во повеќето случаи, жртвите се жени кои биле дрогирани, силувани и сексуално нападнати, соопштија Европол и британската Национална агенција за криминал (НЦА).
Според нив, затворените онлајн групи служат како засолниште за претежно машки сторители, кои ги користат за планирање напади, размена на информации и објавување фотографии и видеа од злоупотребите.
Германските и британските агенции за борба против криминалот, поддржани од полициските и безбедносните агенции од САД, Бразил, Канада, Франција, Унгарија, Холандија и Шпанија, започнаа заедничка операција за да одговорат на она што НЦА го опиша како „закана што континуирано се развива“.
Во многу случаи, жртвите не се свесни дека биле сексуално нападнати сè додека не бидат контактирани од полицијата. Злосторствата најчесто ги извршува некој што го познаваат и кому му веруваат, а во некои случаи, во злоупотребата се вклучени повеќе, меѓусебно поврзани сторители.
Истрагите уследија по случајот на Жизел Пелико
Истрагите уследија по случајот на Жизел Пелико во Франција, кој го шокираше светот. Нејзиниот поранешен сопруг договорил таа да биде силувана од десетици непознати мажи додека таа била во несвест, предизвикувајќи широка јавна дебата за родово базираното насилство и мизогинијата во Франција.
Акцијата, исто така, уследи по тајна истрага на Си-ен-ен која откри онлајн мрежи каде што мажи се подучувале едни со други како да ги дрогираат и силуваат своите партнерки.
Од започнувањето на меѓународната операција „Проект Медуза“ во април, европските истражители идентификуваа повеќе од 150 осомничени и жртви и отворија повеќе од 270 нови истраги и оперативни траги.
Досега се уапсени 57 лица.
Сепак, британската НЦА предупредува дека вистинскиот обем на овие злосторства и бројот на жртви е непознат и „скоро сигурно е значително поголем од пријавениот“.
„Сексуалните напади поврзани со дрога повеќе не се изолирани инциденти. Тие сè повеќе се организираат од координирани криминални мрежи кои користат дигитални платформи, што бара многу пософистициран полициски одговор, рече заменик-директорот на НЦА, Најџел Лири.
Европол: Злоупотребата во поединечни случаи трае со децении
Европол наведува дека сторителите се стремат да ги „објективизираат и дехуманизираат“ своите жртви, при што злоупотребата трае со години или дури и децении во некои случаи.
„Тие користат шифрирани услуги за пораки, форуми и затворени групи за разговор за да споделуваат искуства, да нормализираат насилно однесување, да го олеснат нелегалното тргување со лекови на рецепт и наркотици и да координираат криминални активности“, соопшти Европол.
Во овие групи, тие разменуваат информации за тоа кои дроги да ги користат, како да ги применат, како да избегнат откривање, како и видеа и фотографии од сексуална злоупотреба.
Шивон Блејк, која работи во случаи на силување и тешки сексуални деликти во британското Обвинителство, изјави дека случаите се „некои од најстрашните случаи што сум ги видела во мојата кариера“.
„Жртвите страдаат од ужасна сексуална злоупотреба во своите домови, што е крајно предавство на нивната доверба“, рече таа.
Полицијата предупредува дека жртвите можат да бидат од која било возраст, потекло или здравствена состојба и ги повикува сите што се сомневаат дека биле жртва на сексуален напад предизвикан од дрога да ги контактираат надлежните органи.
Пресуди ширум Европа
Изминатите години низ цела Европа беа уапсени и осудени голем број мажи за дрогирање и силување на своите партнерки додека биле во бессознание.
Во 2024 година, Доминик Пелико беше осуден на 20 години затвор за организирање на дрогирање и силување на неговата тогашна сопруга Жизел Пелико. Уште 50 лица се осудени во истиот случај.
Минатата година, германскиот државјанин Фернандо П. беше прогласен за виновен поради тоа што со години ја дрогирал и силувал својата сопруга додека таа била во бессознание и за објавување на снимки од злосторството на интернет. Тој е осуден на осум и пол години затвор.
Во 2025 година, Женхао Зоу беше осуден за силување на десет жени во Велика Британија и Кина. Тој беше осуден на доживотен затвор, со минимум 24 години зад решетки. Полицијата и обвинителите соопштија дека тој контактирал со кинески студентки преку „ВиЧет“ и преку апликации за запознавање, ги намамувал во своите станови, ги дрогирал и сексуално ги злоупотребувал.
Во април оваа година, полските власти уапсија маж осомничен за силување. Полските медиуми објавија дека мажот, познат под псевдонимот „Пјотр“, кој бил еден од речиси 1.000 членови на приватна група на Телеграм посветена на размена на совети за дрогирање и силување на партнерките.
Експертите предупредуваат дека сторителите постојано ги менуваат методите што ги користат за извршување на овие злосторства, што го отежнува нивното докажување на суд. Во исто време, веродостојните податоци за распространетоста на овие злосторства остануваат многу ограничени, додека преживеаните и организациите за застапување на жртвите ги повикуваат регулаторите да преземат порешителни мерки за отстранување на онлајн платформите и страниците што го олеснуваат ширењето на такви содржини.
Европол наведе дека оваа меѓународна полициска операција е прва од ваков вид. Учесниците во операцијата велат дека со заедничка работа сакаат да разоткријат форма на злоупотреба која, како што рече Шивон Блејк, „преживува благодарение на тајноста на интернетот и зад затворени врати“.
јули 5, 2026

