Connect with us

Свет

ЕУ воведе санкции за руски истражувачи поради смртта на Навални

Земјите членки на ЕУ воведоа санкции за шестмина Руси поврзани со смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални во казнената колонија во 2024 година.

Советот на Европската Унија денеска соопшти дека засегнатите поединци се научници и истражувачи во воениот сектор кои биле вклучени во развојот на хемиско оружје, особено на нервниот агенс наречен епибатидин, пренесе ДПА.

Нивните средства ќе бидат замрзнати, што значи дека тие нема да можат да примаат никакви средства, директно или индиректно. Овој отров бил откриен во примероците земени од телото на Навални по неговата смрт и веројатно бил причина за смртта, се додава во соопштението.

Навални важеше за најистакнат противник на Путин, не само поради тоа што разоткриваше случаи на корупција. Неговата вдовица, Јулија Навалнаја, го обвинува Путин за убиство. Руската држава, пак, тврди дека 47-годишниот опозиционер починал од природна смрт.

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, во февруари изјави дека, по анализите на примероците од неговите посмртни останки, станало јасно дека Алексеј Навални бил отруен додека бил во руски притвор.

Тој рече дека во останките на Навални имало епибатидин, особено моќен нервен агенс кој предизвикува смрт како резултат на прекин на дишењето