Connect with us

Забава

Момче пронајде редок фосил на плажа – заб од слон што живеел пред 1,8 милиони години

Младо момче од Англија неодамна откри необичен наод додека со родителите шетале по околната плажа. Станува збор за заб од праисториски слон што живеел пред околу 1,8 милиони години, објави „Фокс њуз“ (Fox News).

Чарли Орхард-Лајл (11) го пронашол забот во мај на плажата Ист Лејн кај Бодси – крајбрежно село близу Ипсвич, во округот Сафолк. Примерокот бил пронајден во близина на брегот и подоцна било утврдено дека станува збор за горен лев катник широк околу 10 сантиметри, што некогаш му припаѓал на видот „Ананкус арверненсис (Anancus arvernensis)“ – одамна изумрен роднина на денешните слонови, близок, на пр. на африканскиот савански слон, пренесува порталот „Афтеризам“ (Afterism). Се верува дека фосилот се откршил и паднал од карпа поради ерозија, па така завршил на плажата.

Фотографиите покажуваат дека глеѓта на забот е минерализирана и прилично сочувана. Според мајката на Чарли, Елен – мигот на откривање бил особено интересен…

– Шетавме по плажата и околу 10 минути пред (мигот на наоѓањето), мојот син Чарли зборуваше за тоа колку ги сака слоновите. Така, додека одевме, видовме нешто покрај брановите. Предметот беше доволно необичен да ни го привлече вниманието. Го зедовме, а потоа ни се придружи и сопругот. Навистина е неверојатно! Не ми се веруваше дека може да се најде нешто што постоело пред 1,8 милиони години, а едноставно да се појави на плажата! – изјави г-ѓа Орхард-Лајл за „Ес-даблју-ен-ес“ (SWNS).

Таа вели дека семејството веднаш сфатило дека необичниот предмет не е обичен камен.

Според познавачите, забот веројатно потекнува од источниот брег на Англија.

Момчето им се приклучува на списокот деца кои случајно откриле исклучително вредни праисториски и древни артефакти. Кон крајот на април, во Норвешка, на пр., група ученици од прво одделение пронајдоа редок меч од викиншката ера, на обично поле. 

Ad
Ad