Connect with us

Свет

Големи антиимигрантски протести во Јужна Африка

Илјадници луѓе денеска протестираа во различни градови во Јужна Африка против илегалната имиграција.

Антиимиграциските групи изминатите месеци организираа серија протести и маршеви, а денеска истекува „рокот“ сите мигранти без документи и тие кои немаат регулирано престој да ја напуштат Јужна Африка. Тие побараа од владата да преземе мерки против илегалната имиграција.

Најмалку пет лица се убиени во немирите од почетокот на протестите во април, а илјадници се избркани од своите домови или им се вандализирани имотите и бизнисите.

Имигрантите се обвинети за одземање работни места, поттикнување криминал и вршење притисок врз јавните услуги – тврдења за кои социолозите велат дека немаат докази.

Голем број имигранти заминаа од Јужна Африка поради се почестите напади врз странците. Малави, Нигерија, Гана и Зимбабве почнаа репатријација на своите граѓани и ја обвинија Јужна Африка за ксенофобија.

Триесет години по крајот на апартхејдот, во Јужна Африка се уште има нееднаквост, економскиот раст е бавен, а една третина од нејзините жители се невработени. И покрај тоа, Јужна Африка останува најголемата економија во Африка и продолжува да привлекува мигранти.

Според официјалната статистика во Јужна Африка има околу три милиони имигранти, или околу четири проценти од вкупното население, што е релативно низок процент според глобалните стандарди.

Ad
Ad