Скопје
Со концерт на Voyage и 2Bona заврши „Културно лето 2026“ во Кисела Вода
Со голем музички спектакл на плоштадот во Расадник, синоќа беше затворено овогодинешното издание на манифестацијата „Културно лето 2026“ во Општина Кисела Вода, со што беше одбележан и 71-от роденден на општината.
Илјадници граѓани присуствуваа на финалната вечер исполнета со музика, еуфорија и силна сценска енергија. Настанот го отворија млади локални бендови, по што следуваа настапите на диџеите Доријан и Марио Трампет.
Публиката потоа уживаше во настапот на групата 2Bona, која со своите хитови ја подигна атмосферата и ја вклучи публиката во заедничко пеење и еуфорична поддршка. Врвот на вечерта беше настапот на балканска ѕвезда Voyage, кој предизвика силни реакции кај присутните и го заокружи музичкиот спектакл.
Со оваа завршна вечер официјално беше затворено „Културно лето 2026“, кое во изминатите денови понуди разновидна програма за сите генерации – концерти на Лозано, Таско, Влатко Миладиновски, групата „Љубојна“, КУД „Китка“, како и настапи на млади музичари и диџеи.
Во рамки на манифестацијата беа организирани и содржини за најмладите во парк „Македонија“, како и традиционалната „Коријада“ за пензионерите, хуманитарни активности и продажни изложби со учество на ученици со посебни образовни потреби.
Од Општина Кисела Вода упатија благодарност до сите граѓани за масовната поддршка и атмосферата која, како што наведуваат, ја направила манифестацијата уште поуспешна.
јуни 30, 2026


