Connect with us

Технологија

Крај за „Хјундаи и-30“ во Европа: Падот на побарувачката за компактни возила главна причина

„Хјундаи“ ќе го пензионира својот хечбек „И-30“ (Hyundai i30) без директен наследник, бидејќи побарувачката за традиционални семејни компактни возила со бензински мотор во Европа продолжува да опаѓа.

Прашан за иднината на „И-30“, по воведувањето на новата генерација супермини „И-20“ претходно овој месец и лансирањето на слично големиот електричен „Јоник 3“ (Ioniq 3), европскиот извршен директор на „Хјундаи“, Ксавиер Мартине навести дека „И-30“ од четвртата генерација не е во план.

– Можеби има причина зошто не зборуваме многу за тоа – рече тој за конкурентот на „Фолксваген голф“ со бензински мотор.

„Проблемот е што побарувачката во тој сегмент не расте, а тоа е возило коешто, историски, се продавало главно на клиенти на возни паркови, каде што заработката не е толку висока“, појасни Мартине.

Тој додаде дека малиот удел во малопродажбата не бил доволен за да се компензира продажбата на возни паркови со ниска профитабилност.

Шефот на „Опел“, Флоријан Јетл неодамна го повтори ставот на Мартине, најавувајќи планови за замена на „Астра“ со помалку „традиционална“ понуда од „Ц“-сегментот, можеби некаков вид теренец. Мартине најави дека „Хјундаи“ би можел да следи слични чекори за да ја пополни празнината оставена од повлекувањето на „И-30“.

– Можеби ќе понудиме поинаков одговор, а можеби ќе биде различен одговор од она што го имавме досега. Можеби сум малку криптичен во мојот одговор, но во одреден момент мора да знаете кога да застанете и како да ја дизајнирате следната генерација – тоа е едно од прашањата со кои се соочуваме, рече тој.

Производството на неколку од најблиските конкуренти на „И-30“, исто така, беше прекинато последниве години, како што се „Форд фокус“, „Киа сид“ и „Рено меган“. Иако посилните играчи како „Фолксваген голф“, „Пежо 308“ и „Тојота корола“ сè уште се држат на пазарот, сегментот учествува со многу помал удел во европскиот пазар и продажбата, отколку некогаш, бидејќи кросоверите од средна големина станаа избор за практични семејни возила.

Ad
Ad