Свет
АЕЦ „Пакш“ дополнително ја намали моќноста поради загреаната вода во Дунав
Унгарската нуклеарна централа „Пакш“ дополнително ја намали моќноста на своите реактори за 320 мегавати поради високата температура на водата во реката Дунав за време на рекордниот топлотен бран, соопшти денеска унгарската влада.
Властите наведоа дека денеска постои можност да биде соборен дневниот температурен рекорд од 39,9 Целзиусови степени.
Нуклеарната централа со инсталирана моќност од два гигавати и со четири реактори од руско производство вчера веќе објави дека ја намалува моќноста на третиот реактор за 243 мегавати.
Мерките беа преземени откако температурата на водата што се користи за ладење на реакторите го достигна прагот за реакција од 29,5 Целзиусови степени.
Унгарските власти тврдат дека и покрај намаленото производство, побарувачката за електрична енергија ќе биде целосно задоволена.
Министерот за енергетика Иштван Капитани изјави дека домаќинствата нема да почувствуваат никакви последици од намалената моќност на електраната.
Тој истовремено ги повика домаќинствата да ја ограничат потрошувачката на електрична енергија во вечерните часови
јуни 29, 2026


