Connect with us

Свет

Завршна декларација на ШОС со акцент на зајакнување на безбедноста, соработката и мултиполарниот светски поредок

Лидерите на земјите-членки на Шангајската организација за соработка (ШОС) денеска усвоија декларација во која ја потврдија својата посветеност на зајакнување на регионалната безбедност и економската соработка, мирно решавање на меѓународните спорови и градење на пофер мултиполарен светски поредок.

Во декларацијата, усвоена во Бишкек по повод 25-годишнината од организацијата, се наведува дека ШОС не е воено-политички блок ниту е насочен против други земји и организации, туку дека се темели на принципите на суверенитет, еднаквост, немешање во внатрешните работи и меѓусебно почитување.

Членките на ШОС изразија загриженост за меѓународната безбедносна состојба, конфликтите, енергетските и прехранбените предизвици, како и климатските промени, со поддршка за зајакнување на улогата на Обединетите нации и меѓународното право.

Тие особено ја нагласија потребата од соработка во борбата против тероризмот, сепаратизмот, екстремизмот, трговијата со дрога и транснационалниот криминал, како и за зајакнување на кибер безбедноста и одговорниот развој на вештачката интелигенција.

Во делот посветен на Блискиот Исток, членките ги осудија воените напади врз Иран, ја поддржаа неговата сувереност и територијален интегритет и повикаа на политичко и дипломатско решение на конфликтот.

Тие го наведоа сеопфатното и праведно решавање на палестинското прашање како клуч за мир на Блискиот Исток.

На економски план, ШОС се залага за зголемена трговија, развој на транспортни и енергетски коридори, поголема употреба на национални валути во меѓусебната трговија и продолжување на работата за основање на Банката за развој на ШОС.

Членките го поддржаа зајакнувањето на соработката во областите на образованието, науката, здравството, културата, туризмот, заштитата на животната средина и спортот, вклучително и одржувањето на Шестите светски номадски игри во Киргистан.

Лидерите позитивно го оценија претседателството на Киргистан со ШОС во периодот 2025-2026 година, а претседателството со организацијата сега го презема Пакистан, каде што следната седница на Советот на шефови на држави на земјите-членки на ШОС ќе се одржи во 2027 година.