Connect with us

Свет

Орбан: Унгарија е целосно посветена на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија

Унгарија е целосно посветена на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, изјави денеска унгарската министерка за надворешни работи Анита Орбан, додавајќи дека Будимпешта ќе обезбеди стручњаци за да им помогне на државите од регионот во нивните напори.

Говорејќи на Бледскиот стратешки форум, Орбан истакна дека Унгарија испратила експерти во сите главни градови на Западен Балкан, како и специјален пратеник задолжен за прашањата во овој регион, пренесува МТИ.

Таа изрази жалење што, уште од пристапувањето на Хрватска во 2013 година, ниту една држава од Западен Балкан не ѝ се приклучи на ЕУ, оценувајќи дека проширувањето е „едно од најважните надворешнополитички орудија“ во рацете на ЕУ.

Иако геополитичкото и економското значење на Европа опадна, нејзиниот пазар и понатаму е „еден од најпривлечните елементи на интеграцијата“, наведе Орбан. Таа додаде дека Унгарија продолжува да го поддржува принципот на интеграција заснован врз заслуги и дека неколку земји во регионот се блиску до исполнување на условите за влез.

Унгарската министерка изрази надеж дека Црна Гора би можела да ги затвори пристапните преговори пред крајот на оваа година, наведува МТИ.

Бледскиот стратешки форум оваа година се одржува под насловот „Моќта на заедничкото обликување на иднината“, а меѓу главните теми се безбедноста на Европа, иднината на ЕУ, Западен Балкан, геополитичката ситуација и иднината на општеството.

На форумот учествуваат повеќе од 150 говорници од повеќе од 70 земји.