Свет
Згради затрупани во голем одрон во Кина, во тек потрага по преживеани под урнатините
Неколку станбени згради се урнаа во голем одрон на земјиште во југозападниот кинески град Чонгкинг, во округот Пенгшуи, при што се затрупани непознат број луѓе.
Кинеските државни медиуми јавуваат дека локален работник околу 8 часот изутрината забележал паѓање камења од ридот во градот и веднаш предупредил за опасноста. Властите наредиле евакуација на повеќе од 60 жители, но во 9:08 часот се активирало свлечиштето затрупувајќи дел од луѓето.
Точниот број на лица под урнатините се уште се утврдува. Државната новинска агенција „Синхуа“ објави дека спасувачките екипи извлекле девет лица, сите надвор од животна опасност.
Кинеското Министерство за управување со вонредни ситуации активираше втор степен на подготвеност, испраќајќи на терен спасувачки екипи со стотина лица, покрај веќе ангажираните 206 пожарникари и спасувачи со 49 возила.
Причината за одронот засега не е позната. Воздушни снимки објавени од кинеските медиуми покажуваат како камења и урнатини се свлекуваат врз група станбени објекти покрај река, додека луѓе бегаат од местото додека се шири густ облак прашина.
Преку платформата „Икс“ се објавуваат снимки од автомобилска камера на која е прикажан моментот кога дел од ридот се урива врз куќи и деловни објекти, а урнатините се распрснуваат по улицата.
јули 18, 2026

