Свет
Трамп: Агентите на ИЦЕ нема да престанат да запираат и проверуваат сомнителни возила
Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска објави дека агентите на Службата за имиграција и царина – ИЦЕ (ICE) нема да ги запрат проверките и запирањето на сомнителни возила.
Трамп ја даде оваа изјава само еден ден откако беше објавено за привремен прекин на ваквите контроли поради двете убиства од страна на агентите на ИЦЕ – едното во Тексас, а другото во Мејн, пренесуваат британските медиуми.
„Мораме да бидеме силни, жилави и паметни и не смееме да се откажеме од една од најважните и најефикасните алатки на ИЦЕ за борба против криминалот – сообраќајните запирање и претреси“, рече Трамп на социјалните медиуми.
Агент на ИЦЕ во понеделникот уби возач од колумбиско потекло во крајбрежниот град Бидефорд, Мејн, околу 15 милји јужно од Портланд, а агент на ИЦЕ во Тексас застрела и уби мексикански државјанин во Хјустон на 7 јули додека се обидуваше да го запре неговото возило.
„Не станува збор за промена на политиката, туку за привремена суспензија. Ова ќе биде краткорочен преглед за да се осигури дека агентите на ИЦЕ се безбедни и работат правилно“, изјави за Фокс њуз помошникот на Трамп за имиграција и царина, Том Хоман, додавајќи дека агентите ќе користат други опции за да вршат апсења.
Убиствата од страна на агентите на ИЦЕ предизвикаа протести во Мејн, Хјустон и Бостон и ги поттикнаа критиките за недостатокот на камери на телото од страна на агентите.
Министерството за внатрешна безбедност на САД, кое ја надгледува работата на ИЦЕ, ги окарактеризира двајцата убиени мажи како „нелегални имигранти“, но призна дека ниту еден од нив „не бил случај за депортација“.
Федералните власти не понудија докази за да ги поткрепат тврдењата дека некој од двајцата убиени мажи претставувал закана за агентите на ИЦЕ или за пошироката јавност што би ја оправдало употребата на смртоносна сила.
Од јануари 2025 година, кога Трамп започна со масовни депортации по враќањето во Белата куќа во согласност со предизборните ветувања за справување со нелегалната имиграција, најмалку седум лица се убиени за време на операциите за спроведување на имиграцијата од страна на федералните агенции.
јули 16, 2026


