Општини
Струмичките пожарникари гаснеа четири пожари на отворено, изгоре и земјоделска механизација
ТППЕ Струмица во текот на вчерашниот дена гаснеше четири пожари на отворено во атарите на селата Бајково, Мокриево, Петралинци и Еднокукево каде гореа дрвја, сува трева, ниска вегетација, стрништа, како и земјоделска механизација -машина за балирање слама, објавија струмичките пожарникари.
-Со огромен труд, пожртвуваност и навремена интервенција, пожарникарите успеаја да спасат повеќе куќи, како и црквата „Свети Петар и Павле“ во село Бајково, иако огнот веќе беше стигнат до самите објекти.Благодарение на брзата реакција и несебичната борба со огнената стихија, беше спречена уште поголема материјална штета, се наведува во објавата.
Според информацијата од Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ) во гаснењето на вчерашниот шумски пожар кој избувнал во атарот на село Бајково, Општина Ново Село се вклучиле и два ер трактори кои помогнале на струмичките пожарникари и на доброволците од ДПД „Рис“ од Ново Село во гаснењето на пожарот.
Од ТППЕ Струмица апелираат до сите граѓани да бидат максимално внимателни и одговорни, да не палат стрништа, отпад или сува вегетација и веднаш да пријават доколку забележат пожар.
јули 15, 2026


