Свет
Миндаугас Синкевичиус е избран за нов премиер на Литванија
Литванскиот парламент денеска ја одобри владината програма презентирана од социјалдемократот Миндаугас Синкевичиус, прифаќајќи го за премиер и членовите на владата што тој ги предложи.
Литванија, членка на НАТО и Европската Унија што се граничи со Русија и Белорусија, издвојува најголем дел од БДП за одбрана во Алијансата, кој оваа година изнесуваше околу 5,33 проценти.
Програмата на владата на Синкевичиус ветува дека трошоците за одбрана ќе останат над пет проценти од БДП и дека ќе бара американските сили да останат во балтичката земја како клучно средство за одвраќање од Русија, но и дека ќе продолжи да ја поддржува Украина.
„Би било грешка да се верува дека заканата од руската војска се намалува поради тешките загуби со кои се соочува во моментов“, изјави Синкевичиус денеска пред пратениците во парламентот, осврнувајќи се на руската инвазија на Украина.
Тој ќе ја замени социјалдемократската премиерка Инга Ругиниене, која е на чело на владата од минатата година и сега ја препушта позицијата на лидерот на нејзината партија поради хаосот во нејзината коалициска влада, пишуваат британските медиуми.
Новата централно-левичарска коалиција, која, покрај социјалдемократите, ја сочинуваат партиите За Литванија и Сојузот на земјоделци и зелени (LVŽKŠS), има мало мнозинство во парламентот.
Популистичката партија Зора Немунас, чиј лидер се соочува со обвинувања за говор на омраза против Евреите и омаловажување на Холокаустот, повеќе не е дел од владата.
Седумдесет и двајца од 141 пратеник во парламентот ја поддржаа новата програма на владата, 29 гласаа против, а четворица се воздржаа. Останатите претставници не беа присутни.
Следните избори во Литванија се закажани за октомври 2028 година.
јули 15, 2026


