Општини
Спортскиот фестивал „Илинден“ по петти пат ќе ги обедини спортот, музиката и креативноста во Струга
Петтото издание на спортскиот фестивал „Илинден“ традиционално и годинава ќе се одржи на 2 август на кејот на реката Црн Дрим во Струга, во организација на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“.
Пријавувањето за учество е во тек, а натпреварувачите, како што информира претседателот на клубот Коста Хиохи, може да се пријават во две од четирите натпреварувачки дисциплини: пливање, кајак, суп и такла.
– И оваа година сите заинтересирани полнолетни натпреварувачи ќе имаат можност да се пријават во две дисциплини по сопствен избор од вкупно четири понудени категории: кајак, суп, пливање и традиционалниот скок – такла, кој веќе стана еден од најатрактивните сегменти на фестивалот. Апликацијата за пријавување е објавена на официјалната фејсбук страна на Фестивалот, изјави Хиохи.
Ватерполо натпреварите, додаде, и годинава ќе се реализираат во соработка со Ватерполо федерацијата на Македонија, со однапред формирани и утврдени екипи.
Покрај богатата спортска програма, Хиохи најави дека посетителите ќе уживаат и во музичка атмосфера за која ќе се погрижат повеќе диџеи, додека посебен белег на фестивалот повторно ќе даде Базарот на ракотворби, каде своите уникатни изработки ќе ги претстават бројни ракотворители од Струга и околината.
– Спортскиот фестивал „Илинден“ од година во година прераснува во препознатлива летна манифестација, која ги обединува љубителите на спортот, рекреацијата, културата и локалното творештво, привлекувајќи сè поголем број учесници и посетители, рече Хиохи.
јули 10, 2026

