Connect with us

Свет

Милиони луѓе на улиците на Машхад се збогуваа со Хамнеи пред неговиот погреб

Милиони луѓе денеска ги преполнија улиците што водат до светилиштето на Имамот Реза во иранскиот град Машхад, за да се збогуваат со убиениот ирански врховен лидер, ајатолахот Сејед Али Хамнеи, пред да биде погребан во ова светилиште во неговиот роден град, јавуваат иранските медиуми.

Претходно денеска авионот што ги носеше телата на починатиот лидер и членовите на неговото семејство пристигна на меѓународниот аеродром „Шахид Хашеминеџад“ во Машхад, пред последната погребна поворка и церемонија на погребување, објави Прес ТВ.

Пристигнувањето на авионот доцнеше поради масовниот одговор во Ирак, каде што милиони луѓе учествуваа на церемониите за збогување во градовите Наџаф и Кербала, соопшти иранската телевизија.

Комитетот што го надгледува приемот и погребот на телото на починатиот лидер во Машхад изјави дека поради масовниот прием што го приреди ирачкиот народ за збогување со врховниот лидер Хамнеи, погребната поворка денеска е одложена од 8 часот до 14 часот по локално време.

Патиштата што водат до светилиштето на имамот Реза во родниот град на Хамнеи во североисточен Иран беа преполни со ожалостени луѓе, додека големи групи луѓе се собираа неколку часа пред почетокот на погребната поворка.

Толпата скандираше и мавташе со црвени знамиња што симболизираат повик за одмазда за крвта на мачениците, а многумина бараа правда за Хамнеи, кој беше убиен во американски напад на 28 февруари.

За време на церемонијата, телото на ајатолахот Хамнеи ќе биде носено по улицата Имам Реза кон светилиштето посветено на осмиот шиитски имам, каде што ќе се одржат последните погребни обреди.

Врховниот лидер на Иран беше убиен, заедно со неколку членови на неговото семејство, на 28 февруари, првиот ден од 40-дневната војна што ја водеа САД и Израел против Иран, потсетува Прес ТВ.

Повеќедневниот погреб на Хамнеи започна во петокот во светилиштето на имамот Хомеини во Техеран, каде што странски претставници и верски личности му оддадоа почит на врховниот лидер.

Церемонијата продолжи во саботата и неделата со јавни збогувања и погребни молитви, а во понеделникот милиони Иранци ги исполнија улиците на Техеран додека погребната поворка минуваше низ главниот град пред погребот следниот ден да продолжи во градот Ком.

Комеморациите вчера продолжија во ирачките градови Наџаф и Кербала, пред останките на Хамнеи да бидат вратени во Машхад, каде што ајатолахот Хамнеи денеска ќе биде погребан.

Ad
Ad