Свет
Скај го презема АјТВ во зделка од милијарда фунти
Британскиот медиумски гигант „Скај“ (Sky), во сопственост на американскиот „Комкаст“ (Comcast), објави преземање на телевизискиот и стриминг бизнис на конкурентскиот „АјТВ“ (ITV). Вредноста на зделката, договорена по повеќемесечни преговори, би можела да достигне 1,6 милијарди фунти (1,87 милијарди евра), а нејзината цел е да се создаде домашен гигант кој ќе може да се носи со глобалните стриминг платформи, пишува „Евроњуз“.
Според условите на договорот, „Скај“ ќе плати 1,2 милијарди фунти (1,4 милијарди евра) во готовина, ќе ја пренесе сопственоста над продукциската куќа „Лав продакшнс“ (Love Productions) и ќе исплати до 200 милиони фунти (233,8 милиони евра) во зависност од деловните резултати. Аквизицијата ги опфаќа терестријалните телевизиски канали на „АјТВ“ и неговиот стриминг сервис, додека продукцискиот оддел, „АЈТВ Студиос“ (ITV Studios) – познат по форматите како серијалот „Јас сум славна личност …“ (I’m a Celebrity …) – ќе остане независна компанија.
Претседателот на управниот одбор на „АЈТВ“, Ендру Кослет, изјави дека трансакцијата „ќе создаде британски шампион со дострел и ресурси за поуспешно натпреварување со глобалните стриминг платформи“.
Новата, обединета компанија ќе ја спои бесплатната телевизија, стримингот финансиран од реклами и претплатничките услуги со портфолиото на „Скај“ за широкопојасен интернет, мобилна телефонија и деловни решенија, со што ќе обезбеди поширок спектар на извори на приходи.
„АјТВ“ во моментов неделно допира до околу 40 милиони гледачи и има повеќе од 16,5 милиони месечни дигитални корисници. „Во комбинација со Скај, новата компанија би заземала околу 20 отсто од вкупното време на гледање содржини дома во Обединетото Кралство, веднаш зад Би-Би-Си (BBC), а пред Јутјуб (YouTube), и би создала водечки комерцијален стриминг играч во земјата“, се наведува во соопштението.
Компаниите очекуваат дека спојувањето ќе донесе годишни заштеди од околу 200 милиони фунти до крајот на третата година по заклучувањето на зделката, првенствено преку оптимизација на трошоците за маркетинг, технолошките платформи и содржините кои не потекнуваат од Обединетото Кралство.
„Скај“ исто така се обврза да склучи петгодишен договор со „АјТВ Студиос“ за набавка на содржини, вреден 2,1 милијарди фунти, кој ќе стапи во сила по завршувањето на аквизицијата.
Споениот ентитет „Скај-АјТВ“ ќе стане дел од „Ен-Би-Си Јуниверзал“ (NBCUniversal) откако таа компанија ќе се одвои од „Комкаст“. Од „АјТВ“ нагласија дека информативните програми, „АјТВ Њуз“ (ITV News) и „Скај Њуз“ (Sky News), ќе останат уреднички целосно одвоени.
По објавувањето на веста, акциите на „АјИТВ“ на Лондонската берза вчера попладне пораснаа за повеќе од еден отсто.
јули 8, 2026


